(Видео) Спасовски: Земјоделците од Ранковце добиваат модерен систем за наводнување на површина од над 200 хектари

29.05.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
(Видео) Спасовски: Земјоделците од Ранковце добиваат модерен систем за наводнување на површина од над 200 хектари

На отпочнувањето на работите на системот за наводнување Славишко Поле во општина Ранковце, денеска присуствуваа премиерот Оливер Спасовски, заедно со министерот за земјоделство, Трајан Димковски и шефот на делегацијата на Европската унија во нашата земја, Самуел Жбогар.

Премиерот Спасовски истакна дека системот за наводнување Славишко Поле е исклучително важен проект за развојот и иднината на општина Ранковце.

„Овој проект е особено значаен затоа што е од непосреден, директен интерес на преку 1500 жители од населените места Псача, Петралица и Гиновци, од кои мнозинството од населението се занимава со земјоделство и сточарство“, подвлече Спасовски.

Тој истакна дека досегашниот застарен систем за наводнување во атарот на Општината Ранковце покрива околу 40 хектари, а со овој, граѓаните на општината ќе добијат модерен систем за наводнување кој ќе обезбедува вода за наводнување за преку 200 хектари.

„Тоа значи дека со изградбата на новиот систем за наводнување, голема површина од обработливо земјиште во општината и околните села, кое во моментов е без вода, конечно ќе биде употребливо и ќе биде ставено на располагање на земјоделците. На овие наши сограѓани ќе им се овозможи да обработуваат 5 пати поголема земјоделска површина со стабилен систем за наводнување, со што ќе се создадат услови за замена на постоечките култури со некои попрофитабилни култури, со поголема додадена вредност“, потенцираше премиерот.

Воедно тој посочи дека дека придобивката од овој нов систем е одржување и развивање на земјоделските активности за кои луѓето имаат традиција, на начин што ќе се почувствува за целото општество.

Министерот за земјоделство, Димковски објасни дека системот за наводнување „Славишко Поле“ е финансиран од „Инструментот за претпристапната помош – ИПА“ на Европската унија, во вредност од близу 1,7 милиони евра.

Амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар истакна дека со ова се одбележува почеток на нова серија на инвестициски проекти од страна на Европската Унија во сферата на земјоделството, кој што е вреден 6 милиони евра.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата