Двете втори лиги и во натпреварувачката 2020/21 ќе бројат по 10 екипи, па дури потоа ќе има кратење на лигите од по 8 клуба. По денешната седница на УО на ФФМ стана јасно на кој начин ќе се потполнат местата на Пелистер и Беласица кои обезбедија влез во елитното друштво, кое од 10 се прошири на 12 клуба.

Втората лига – Исток ќе го добие новиот член по судирот меѓу Слога Виница (источен регион), со Росоман (јужен регион). Еден од двата тима кои се лидери во регионите од следната сезона ќе го има епитетот на второлигаш.

Покомплицирано е на Западот. Таму Фортуна Сингелиќ (северен), Беса Добар Дол крај Гостивар (западен) и Велешта (југозападен), ќе играат секој со секого, а само победникот ќе оди ранг погоре.

Вакво доигрување имавме на Западот во 2017 година кога Гоблен обезбеди место во Втората лига.

Овие бараж натпревари се очекува да се одиграат во првите термини кога ќе стартува и Првата лига (од 15 до 25 јуни).