УТРЕ ЌЕ СЕ УДЛУЧУВА ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА

29.05.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
УТРЕ ЌЕ СЕ УДЛУЧУВА ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА

Советот за безбедност в сабота на пладне во претседателската вила „Водно“ ќе одлучува за евентуалното продолжување на вонредната состојба. Сабота е последниот ден кога истекува третата – двонеделната вонредна состојба што ја прогласи претседателот Стево Пендаровски на 15 мај.

Пендаровски, како што потврдија за МИА од Кабинетот на шефот на државата, ќе го свика Советот за безбедност в сабота, без оглед дали ќе има ново барање од Владата за продолжување на вонредната состојба.

Премиерот Оливер Спасовски вчера изјави дека Владата до крајот на неделата ќе одлучи дали ќе има прогласување нова вонредна состојба која, како што рече, е потребна пред сé за спроведување на економските мерки.

-Ако имаме потреба врз основа на анализите дека треба да се прогласи вонредна состојба уште некој ден за справување со економските последици, тоа ќе го направиме и кога ќе заврши вонредната состојба, по 22 дена ќе се одржат изборите, истакна Спасовски по посетата на Карбинци.

Партиите, пак, се уште се без договор за датум за избори. Нема најава за нова лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, откако на двете претходни не беше постигнат договор за терминот за изборното соочување.

Според претседателот на СДСМ Зоран Заев, државата има потреба од избори во првиот можен термин за да го дочекаме новиот бран на коронавирусот на есен целосно подготвени.

-На граѓаните и на државата им требаат институции со целосен легитимитет за да создадат услови за новата нормалност, со полн капацитет да го заштитиме здравјето на граѓаните и да ја рестартираме македонската економија, објави Заев на фејсбук.

Ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е непромент – брзи избори не се прифатливи и најважно е здравјето на граѓаните. СДСМ, како што велат, сака избори по секоја цена само за да го намали неизбежниот пораз.

Тие не се против избори, но во соодветен термин. Тоа, според нив, би било на крајот на август или почетокот на септември. Потврдуваат дека постои канал на комуникација, но епилогот засега е неизвесен.

-Како што кажа и претседателот Мицкоски, канал за комуникација постои. Ние остануваме на нашиот став и тоа е непроменет дека сепак треба да се створат услови за избори. Здравјето на граѓаните е пред се, но да почекаме наредниот период да видиме како ќе се развиваат настаните вклучително и здравствената ситуација, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Аровски.

 (МИА)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата