Зошто не е откриено кој го извршил атентатот врз Глигоров?!

Пишува Синиша Станковиќ 

Ќе ја добие ли некој конечно наградата од половина милион евра (милион тогашни германски марки) распишана за обезбедување информации или докази за извршителите или нарачателите на атентатот врз претседателот Киро Глигоров на 3 октомври 1995 година? Или македонската јавност ќе присуствува на издишувањето на уште еден балон, пуштен за нејзино замајување?

По „бомбата" на професорот Љубомир Фрчкоски, пласирана низ една третина од неговата последна колумна во „Дневник", инаку посветена на косовската тема, неделава се случи цела медиумска канонада, а политичката чаршија ги заборави и преговорите за името и собраниската резолуција, и НАТО сосе ЕУ... Во втор план падна дури и застрашувачката информација на провладините медиуми за наводното минатогодишно спречување на дури два обида за атентат врз премиерот Никола Груевски, наводно планирани од засегнати домашни криминални и бизнис-структури, но и од странска држава во која се ковал заговор за ликвидација на македонскиот премиер?!

Така, Скопје пак личи на Казабланка, а разузнавачи од разни профили, профитери и продавачи на магла, како и „анонимни, но добро информирани извори", ги хранат медиумите со нови и се' понови сознанија за атентатот, чија истрага беше мртвороденче и сите овие години, всушност, и не мрднала од мртвата точка.

И токму професорот Фрчкоски (чие неснаоѓање на функцијата министер за внатрешни работи, сеедно дали од шокот поради обидот за ликвидација на шефот на државата или поради некомпетентноста и претенциозноста, беше и една од причините за првичниот хаос и прераснувањето на истрагата во сопствена карикатура), по неуспешната штих-проба со изјавата во „Нова Македонија" на годишнината од атентатот минатата недела, откако „избра каде ќе ја раскаже приказната", ја потресе јавноста.

Со обелоденувањето на постоењето на досега непознатиот сведок, припадник на тогашната Дирекција за безбедност и контраразузнавање, кој наводно ден пред атентатот го фотографирал „амито" со експлозивот (фотографија која, според досегашната официјална верзија на истрагата, случајно ја направил непознат германски турист), Фрчкоски на голема врата го врати во медиумите веќе подзаборавениот атентат, за кој само дваесетина дена порано и судии и полицајци изјавуваа дека го прекрила прашина. Покрај тоа, според Фрчкоски, сведокот кој конечно се окуражил да проговори за опачината на атентатот, тврдел и дека лицето од фотороботот, наводниот купувач на фамозното „ами", бил негов колега од ДБК (Дирекција за државна безбедност)!

Иако во „Нова Македонија" двајца автори на книги за атентатот и за истрагата, и тогашниот истражен судија Ставре Џиков, кој му помагал на главниот истражен судија Здравко Василев кој во меѓувреме починал, и актуелниот заменик-министер за надворешни работи, тогашниот новинар Зоран Петров, кој за атентатот се интересирал и како подоцнежен вработен во Агенцијата за разузнавање, тврдеа дека идентитетот на „Германецот", чија фотографија наводно била добиена од германските разузнавачи, никогаш не бил откриен, односно дека еден од фотографираните случајни минувачи изјавил дека „фотографот бил пристар човек", дека „воопшто не личел на Германец" и дека, всушност, „бил сигурен дека тоа е наш човек", овие изјави не предизвикаа никакви реакции во јавноста. Се' до колумната на Фрчкоски, три недели подоцна...

Откако провладин медиум шпекулираше дека брифери на колумнистот, всушност, биле „негови стари пријатели, бивши инспектори во МВР, чии презимиња се Палевски и Костовски", Фрчкоски, кој својата решеност да помогне во расветлувањето на атентатот ја аргументираше со ставот дека „секој здив што го дишат оние што се учесници однатре во овој мрачен акт на себенегирање во Македонија, секој нивни здив неказнет - е навреда за сите нас", во полчасовен разговор на јавниот обвинител Љупчо Шврговски му го открил идентитетот на сведокот.

Зошто не била отворена истрага за атентатот врз Глигоров

Иако идентитетот се' уште официјално не се обелоденува, самиот Шврговски по средбата потенцираше дека нема официјална истрага, зашто нема познат извршител и дека се работи за преткривична постапка. „Ако од исказот на сведокот произлезат сомненија дека одредени лица конкретно се вклучени во атентатот, сигурно дека ќе ја официјализираме постапката. Мислам дека е многу рано, да не прејудицираме сега", рече Шврговски.

Средбата на ексминистерот и обвинителот малку ја омекна и реториката на МВР, кое со несфатлива леснотија првично имаше намера да го сведе истапот на Фрчкоски на политичко шоу, излегувајќи со соопштение според кое МВР ниту смее ниту сака да се спушти на негово ниво, „со третирање на атентатот како 'приказна' за забавување на јавноста", за потоа, сепак, министерката Гордана Јанкуловска да најави дека секогаш кога обвинителот ќе процени оти има потреба од вршење дополнителни дејства и тоа ќе го побара, МВР ќе реагира, како и дека полицијата е отворена за соработка и подготвена да постапи по секоја наредба од обвинителот.

Без оглед на саморекламирачката нота во колумните на егоцентричниот професор, јасно е дека на секоја индиција, а камоли на вакво директно посочување на можна вмешаност на македонски полицајци или разузнавачи во атентатот врз Глигоров, мора да и' се пријде со должно внимание. И затоа зачудува и индолентноста на МВР и ретерирањето на самиот Фрчкоски, кој по средбата со Шврговски „ладно" изјави дека не се работело за негов извор, туку „за сведок, кој мислам дека во истрагата може да им користи и ништо повеќе". Сепак, има многу, многу повеќе.

Новопронајдениот сведок фрлен на ветромет ќе мора да одговори зошто молчел и со тоа ја опструирал истрагата. И без оглед дали молчел од страв или така му било наредено (најлошо е ако се почне со политички интонирани лицитации кој се' можел на полицајците да им нареди молк и прикривање докази), сведокот со освежени сеќавања мора да одговори зошто токму сега проговорил и зошто го избрал токму Фрчкоски за да си олесни на душата.

Особено кога до ден-денес не е јасно кој, всушност, ја водеше или заведуваше истрагата за атентатот (каква беше улогата на фамозниот американски пензионер во штабот за истрагата, на пример) и зашто се менуваше ставот на самиот Фрчкоски за можните сторители и нарачатели на атентатот.

Сомнителен бугарскиот Мултигруп, серија убиства по атентатот

Фрчкоски како министер на првата прес-конференција, три седмици по атентатот, соопшти дека зад него стои „финансиско-економска" групација од соседна држава, чиј човек седум дена пред атентатот во Скопје ја монтирал експлозивната направа.

Во новинарските кулоари во тој период долго се полемизираше дали некој од неговите подредени го „наместил" Фрчкоски да се излета со едно вакво обвинение или се работело само за неговата желба конечно да се појави во јавноста по неколкунеделната криенка и да излезе со какви-такви резултати на истрагата или, пак, во прашање била комбинација на двете работи. Откако во групацијата од соседната држава беше „препознат" бугарскиот „Мултигруп", медиумите потоа долго се занимаваа со него, а интересот се засилуваше по мистериозното самоубиство на директорот на скопското претставништво на фирмата, како и со фактот дека и сопственикот Илија Павлов подоцна беше жртва на атентат. Со новите сознанија од „сведокот", Фрчкоски сега тврди дека е штета што истрагата не била насочена кон српската линија и дека ветрот за атентатот дува од Србија.

Од друга страна, долгогодишниот опонент на Фрчкоски, Павле Трајанов, кој во времето кога беше извршен атентатот беше потсекретар за јавна безбедност на МВР, и покрај обвинувањата за несериозност во неговите нови тврдења, наведува дека немало политичка волја за навремено насочување на истрагата во вистински правец. „Сторителите на атентатот треба да се бараат на спрегата на военоразузнавачките структури на Србија, на такви наши структури и на политичката поддршка што ја имале. Таа линија не се истражуваше досега. За жал, не се искористи ниту акцијата 'Сабја' што се водеше во Србија за да се дознае нешто повеќе за тоа. Крунскиот доказ во оваа линија е кражбата на 12 далечински управувачи и на експлозивните полнења од Министерството за одбрана во тој период, а што долго се прикриваше. Тука треба да се истражуваат поврзаноста и мотивите", изјави деновиве Трајанов.

И луѓето кои директно биле вклучени во истрагата во медиумите се прашуваа кои би биле вистинските мотиви на Фрчкоски за ваквата постапка, токму во овој момент. Иако со хаосот што владее во Хрватска, со засилените медиумски обиди да се изврши ревизија на официјалната верзија на атентатот врз Ѓинѓиќ во Србија, па и со најавите за наводните спречени атентати врз Груевски во Македонија, може да се заклучи и дека приказната на сведокот на Фрчкоски претставува извонредно „спојување на сите детали од атентатот за да се добие целата слика", изборот на тајмингот за откритието или покајувањето, сепак, е неодговорено прашање.

Кој е сведокот на настанот и фотографирањето на Ами8 со бомбата

Политичката чаршија, сеедно, врие. Веќе се проблематизира и релевантноста и кредибилитетот на „сведокот", се шират приказни за наводен алкохолизам и за кафеански „заговори", за местенки, во кои, свесен или не, се наместил и самиот Фрчкоски. Се создава густа разузнавачка кармакаша. Сепак, имаше и премногу мистериозни смртни случаи и сообраќајни несреќи во кои жртви беа припадниците на обезбедувањето на Глигоров и лица од подземјето кои медиумите ги доведуваа во врска со атентатот, за се' да помине како медиумска еквилибристика. Дали Фрчкоски како една од одговорните личности за неуспехот во расветлувањето на атентатот реагираше пред некој друг да ја иницира лавината? Или, ако не е така, што навистина сакаше да постигне со својата колумна?

Провладиниот „Вечер" во текст со бомбастичен наслов „Ексминистерот Фрчкоски ја обвини владата на Црвенковски за атентатот врз Глигоров!" шпекулираше и дека уште во 2001 година Обвинителството и МВР имале сомневања дека лице вработено во МВР, во време кога министер бил Фрчкоски, имало врска со атентатот, но дека „Фрчкоски, исплашен дека може да биде уапсен", кренал „цела медиумска галама барајќи соработка и од неговите пријатели во невладиниот сектор со цел да се спаси од апсење"!?

Сведокот на Фрчкоски посочува на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање, чиј тогашен прв човек Добри Величковски не е меѓу живите. Како и многу други лица кои можеби знаеле нешто повеќе. Но, ако навистина се работи за припадник на ДБК, дури и ако во меѓувреме се исчезнати дел од документите, можеби по неговото сведочење ќе стане појасно кој му наредил да фотографира, кој го купил автомобилот-бомба и, пред се', зошто досега се молчело. И за тоа мора да има политичка волја.

За да не испадне дека се работело само за сведок кој можеби можел да помогне. И ништо повеќе.

Кој сакал да изврши атентат врз Груевски?

Со својата колумна професорот Фрчкоски го замолчи и СДСМ. По медиумските откритија за спречените атентати врз Никола Груевски и по чудниот одговор на ресорната министерка дека поради чувствителноста на темата не може да коментира, СДСМ го повика МВР да одговори зошто нема ниту еден осомничен. - „Јавноста има право да знае кои се мотивите поради кои некои наводни структури се обиделе да го убијат премиерот, а минатото лето, пак, се обидоа наводно да ја гранатираат и зградата на Владата", праша социјалдемократот Александар Чеботарев.

СДСМ изрази и сомнеж дека МВР пласира измислици, прашувајќи „зошто полицијата шири лажни информации и се обидува да генерира криза". „Ако овие информации се точни, а МВР не прави ништо за тоа да се расчисти, очигледни се две работи: или МВР е целосно неспособно или Министерството е дел од овие заговори за атентат", рече Чеботарев. Но, по колумната, СДСМ како да зема тајм-аут.

Сепак, МВР не може да се правда со „чувствителност" и, едноставно, мора да ја извести јавноста дали е во прашање дезинформација, чија пи-ар цел е кревање на рејтингот на власта, или навистина се работи за загрозување на безбедноста на премиерот кој поради своите успеси во борбата против криминалот или во зачувувањето на идентитетот им е трн в око на разни криминални или политички структури во земјата или во странство, кои на ваков начин му испраќаат порака.

(Глобус бр. 80, 28.10.2008)

Спец-акција на ДБК?!

„Деновиве дојде кај мене едно лице што сега работи во компанија надвор од полиција и ми се претстави како бивш полицаец од државна безбедност, вработен за време на атентатот на претседателот Киро Глигоров во Седмата управа за следење. Фино! Професоре, јас сум тој службеник во МВР кој ја сликаше фотографијата на наводниот германски турист пред 'Бристол', на која се гледа паркираниот 'ами 6', ден пред атентатот. Еден од Државна ми рече да сликам, како што сликаме куп фотки секој ден, не ми објаснуваше зошто и јас сликав, му ги предадов фотките и негативите нему и заборавив. Кога се појави таа фотка во весници со објаснение дека е направена од некој Германец, па нашиве уште пратиле екипа да го бара во Германија заедно со нивното БНД, се здрвив! Кај ќе го најдат во Германија, кога тој 'Германец' е овде. Напишав за тоа белешка до повисоките инстанци, која подоцна исчезна. Сега ја нема во документите за атентатот. Професоре, тие што ми наредија ги знам по име и презиме, тој што го купи 'амито' од фотороботот го знам, тој е службеник на ДБК и мој колега, кој се издаде дека купил 'ами' за свој братучед од Алексинац. Тој го призна тоа пред мене. Тоа е спец-акција на ДБК, се знае кој ја наредува и се знае без чие знаење не може да се нареди.

Оваа приказна, драги мои, може да се нарече СВЕДОК, сведокот што долго го чекавме. Сега има приказната очевидец, сведок од прва рака. Го упатив на Обвинителството, бидејќи јас не можам ништо особено да сторам освен да ви ја приопштам приказнава. (Од колумната на Фрчкоски во Дневник, 21.10.2009)

Поврзани

Најнови вести

Коментари