За ова го судат Владимир Талевски: Функционер на СДСМ вмешан во „незаконски“ превоз на ученици во Берово

Фирма Тритерол ДООЕЛ Струмица – подружница Берово се обидела незаконски да го преземе превозот со ученици во Берово. Тоа, според сознанијата до кои дојде Радио Слободна Европа, било организирано од страна на претседавачот со Советот на општината од редовите на СДСМ, кој е и вработен во фирмата.

Автобусите испишани со името на фирмата на првиот училишен ден на 3 септември на вообичаеното место ги чекале учениците од основното училиште „Дедо Иљо Малешевски" во Берово. Но, фирмата ги однела до нивната крајна дестинација без склучен договор и без дозвола од градоначалникот и додека траеле преговорите за тендерот за превоз на ученици.

Според информациите на Радио Слободна Европа, беровското училиште на 6 август објавило тендер за превоз на ученици за учебната 2018/19 година. Но, повикот бил поништен, бидејќи единствениот понудувач, фирмата Берово транс, понудила цени кои биле понеповолни од реалните на пазарот. Училиштето потоа започнало постапка за јавна набавка во постапка со преговарање без објава на оглас, што било искористено од страна на Тритерол.

Поврзаноста на Тритерол ДООЕЛ Струмица – подружница Берово со СДСМ

Подружницата во Берово е дел од фирмата Тритерол ДООЕЛ Струмица, а нејзин управител е Лефтер Андонов, кој беше советник за транспортна политика во Kабинетот на премиерот Зоран Заев.

На автобусите на подружницата во Берово како контакт телефон е наведен телефонскиот број на претседавачот на Советот на општина Берово, Јован Матеничарски, кој доаѓа од редовите на СДСМ. Матеничарски е и претседател на општинската организација на СДСМ во Берово.

Тритерол не побарал дозвола за превоз на ученици

Градоначалникот на Oпштина Берово, Звонко Пекевски од СДСМ, вели дека не е запознаен со работниот ангажман на Матеничарски.

„Ниту знам, ниту сум запознаен за работниот ангажман на претседателот на Советот на Општина Берово, за тоа дали постои конфликт на интереси доколку е вработен таму, побарајте да се произнесат надлежните институции", ни одговори градоначалникот.

Од општината велат дека веќе имаат преземено мерки со тоа што го задолжиле училиштето, како што наведуваат, да ги прекине сите незаконски дејствија, доколку такви постојат, и во најкраток можен рок согласно позитивните законски прописи да спроведе соодветна постапка за јавна набавка.

Постапката без преговарање во меѓувреме била укината, а на 5 септември е распишан нов тендер. 

Фирмата Тритерол ДООЕЛ Струмица има лиценца за вршење на посебен линиски превоз, која според податоците на Министерството за транспорт и врски, била издадена на 17 март минатата година. Но, доколку фирмата сака да превезува ученици, потребна ѝ е дозвола од градоначалникот на Берово. Од Општината велат дека фирмата досега не побарала дозвола.

Прочитајте повеќе на РСЕ

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари