ВНИМАВАЈТЕ! Опасно заболување се шири во Штип: Едно лице почина, уште тројца заболени

Пензионерка од Штип на 65-годишна возраст починала, а три лица од овој град се заболени од опасно паразитско заболување чиј извор на зараза се кучињата, независно дали тие се скитници или домашни миленичиња. Во штипскиот Центар за јавно здравје велат дека и само еден заболен од болеста лајшманиоза е трагедија, објави Независен.

-Покрај починатата пензионерка, во последните три месеци од оваа година ние се соочивме и со три нови заболувања од кои едно во текот на минатиот, а две во текот на овој месец. Во ноември имавме заболено женско бебе на едногодишна возраст, а овој месец веќе имаме две заболени лица од машки пол, едното на шест, а другото на 69-годишна возраст. Ниту едно од овие лица не поседувало куче како домашен миленик, вели д-р Светлана Живкова од Центарот за јавно здравје.

Оваа ситуација во Центарот за јавно здравје се оценува како алармантна. Според д-р Живкова, децата се најзасегнатата категорија од популацијата бидејќи се со послаб имунитет, иако во последно време таа граница е поместена и кон повозрасните генерации. Пренесувач на болеста е таканаречената песочна мушичка, која е со големина од една третина на комарецот и поради тоа тешко се забележува со голо око. Оваа мушичка цица крв од заболено куче, а потоа паразитот го пренесува од кучето на човекот.

-Болеста е со долга инкубација, се карактеризира со малаксаност, намален апетит и слабеење на црниот дроб и слезината и пад на сите елементи од крвната слика. Бидејќи ова паразитско заболување е прикриено додека да се открие минува драгоцено време, а ситуацијата станува сè полоша кај заболените, појаснува д-р Живкова.

Заболените кучиња можат да се препознаат по тоа што слабеат, ги губат влакната од телото, имаат заматени очи, рани по телото и им растат необично долги нокти. Од Центарот за јавно здравје во Штип предупредуваат дека секој сопственик кој ќе забележи такви симптоми кај своето милениче веднаш треба да го однесе на ветеринар. Најдобрата превентива е кучињата да имаат редовни ветеринарски прегледи зашто само така може да се спречи заболувањето кај нив. Бидејќи досега не е пронајден начин за лекување на ова паразитско забалување, од Центарот за јавно здравје препорачуваат таквите кучиња хумано да се еутанизираат.

Песочната мушичка (флеботом) се развива во депонии и на места на кои има распаднати органски материи. Затоа препораката е кучињата скитници да се приберат во стационари, на секое такво куче да му се направи скрининг, а кај кучињата кај кои ќе се констатира вакво заразно заболување да се примени еутаназија. Засека друг начин на справување со кучиња скитници кои имаат лајшманиоза не постои, тврдат од оваа здравствена институција.

И Штип е град во кој бездомните кучиња се голем проблем. Со секој нов ден ги има сè повеќе. Можат да се видат како спокојно шетаат по главните улици, се забележуваат во групи на плоштадот, дремат пред секоја самопослуга или месарница. Реакциите на граѓаните се секојдневни и тие бараат кучињата скитници да се тргнат од градот и да се однесат на места на кои треба да се згрижат. Од локалната власт ни рекоа дека стационарот за кучиња е изграден согласно сите стандарди, дека е во тек средување на законските формалности и дека очекуваат најдоцна до крајот на јануари 2019 година да започне нивното хумано отстранување од градот.

Поврзани

Најнови вести

Коментари