ВМРО-ДПМНЕ: Промената на името не го решава проблемот со корупцијата

Македонија е претворена во дувло на криминалот и корупцијата, а тоа доби потврда и од ГРЕКО, групата на држави во борба против корупцијата при Советот на Европа. Република Македонија никогаш, баш никогаш, во скоро 20-годишната историја откако е член на ГРЕКО нема добиено негативен извештај.

Република Македонија никогаш не била оценета со незадоволителна оценка од страна на Советот на Европа во однос на борбата против корупцијата. Тоа докажува дека, ако во секоја држава има мафија, тука, со доаѓањето на власт на СДСМ, мафијата си доби своја држава.

Прв пат, откако криминалниот картел ја запоседна власта во Република Македонија добиваме вака катастрофален извештај кој покажува дека приоритет на кабинетот на Премиерот Зоран Заев е личното богатење преку брутален грабеж на народот и државата. Ова е уште еден доказ дека расипништвото е основно обележје на оваа влада, а државните ресурси служат само за задоволување на хедонистичките потреби на функционерите и нивните семејства.

Почитувани,

Резултатите од борбата на СДСМ против корупцијата се „разочарувачки". Токму телото на Советот на Европа кое се занимава со борбата против корупцијата, ГРЕКО вака ја оценува работата на владата на СДСМ. Телото гледа на резултатите на владата како цитирам - „очигледно разочарувачки" поради фактот што од 19-те препораки на телото, Македонија спровела само шест.

ГРЕКО оценува дека Македонија „нема опиплив напредок" во борбата против корупцијата, а на тоа е сведок и целата македонска јавност која секој нов ден се информира за нов коруптивен скандал на функционерите на власта.

Критиките од ГРЕКО има и поради фактот што се уште не е формирана Антикорупциската комисија, а оценката која ја добива владата на СДСМ во борбата со корупцијата е незадоволителен.

ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати го предупредуваше Зоран Заев како и целата македонска јавност дека со правосуден систем кој наместо да го гони криминалот, ги амнестира функционерите на СДСМ, Македонија е се по далеку од остварување на своите евроатлански аспирации.

Нашата партија посочи низа на мегаскандали во кои преку милионски тендери и грантови владата на СДСМ се обиде да ги злоупотреби државните пари, парите на граѓаните за исплата на „најзаслужните" партиски послушници. Злоупотребата на службената положба и парите на граѓаните уште еднаш напоменуваме дека не е дел од европските вредности кон кои што Република Македонија се стреми.

ВМРО-ДПМНЕ го предупреди Заев дека уназадувањето во нашите евроатлански интеграции поради криминалот извршен од високи партиски и државни функционери на СДСМ никогаш нема да може да надомести со распродажба на државните и националните интереси на Република Македонија.

Ваквиот извештај на ГРЕКО потврдува дека со промена на името, јазикот и идентитетот, Македонија нема да го реши проблемот со корупцијата и да се доближи до Европската Унија. Но затоа ГРЕКО потврди дека единствен начин да се стави крај на корупцијата во Македонија е криминалниот картел на власт да си замине.

Ова е преголем срам за државата и за граѓаните. Ова мора да престане. Македонија со вакво ниво на корупција нема да мрдне од мртва точка. Затоа министрите задолжени за евроинтеграции и за реформи мора да си заминат. Не поминуваат веќе лагите за нереализираните ветувања од најавените 3-6-9, 18 планови. Македонија мора да се справи со корупцијата и Македонија ќе победи!

Поврзани

Најнови вести

Коментари