ВЛАДИМИР ТРАЈКОВСКИ:

Децата со аутизам не можат никому да наштетат

Пред некоја година кај мене дојдоа родители од училиште во Општина Центар, високо образовани, за да им помогнам да отпишат дете со аутизам од училиштето во кое учат нивните деца. Им реков дека тоа за мене е еднакво на криминал, дека попрво ќе си ја скинам дипломата, раскажува проф. д-р Трајковски, претседател на Македонското научно здружение за аутизам

Лицата со аутизам во Македонија живеат на маргините од општеството. Не се знае ни колку се бидејќи официјален регистар уште нема, иако е почнат да се прави пред неколку години. Во градинките и во училиштата нема доволно дефектолози, иако според закон треба да ги има. Ниту едно од лицата со аутизам не е вработено, иако се способни и сами да работат одредени задачи.

Професор д-р Владимир Трајковски е претседател на Македонското научно здружение за аутизам, редовен професор на Филозофскиот факултет во областите хумана генетика, медицински основи на инвалидноста, физиологија со функционална анатомија и аутистичен спектар на нарушувања. Во интервјуто за Телеграф тој зборува за правата и проблемите на лицата со аутистичен спектар на нарушувања.

Втори април како Ден на аутизмот кај нас се одбележува од 2011 година.

- Една од причините зошто се зголемува бројот на овие деца, покрај реалното зголемување, е и зголемената јавна свест кај родителите, лекарите, дефектолозите, да препознаат аутизам. Нешто што пред 15-20 години воопшто не го сметале за аутизам, а било аутизам, и го ставале под други дијагнози. Затоа сега имаме рапиден скок, а во САД аутизмот доби и епидемиски размери. Ние, како Македонско научно здружение за аутизам, имаме 160 регистрирани лица, на возраст од три до 35 години. Тоа е многу потценета бројка. Според светската статистика, на 2 милиона граѓани ние би требало да имаме околу 12.240 лица со аутистичен спектар на нарушувања. вели Трајковски за Телеграф.мк

Отворени се два центри во Скопје и во Штип, треба да се отвори центар и во Охрид. Она за што се бориме 16 години, да се отвори Национален центар за рана детекција, дијагностика и третман, е најавено за 2017 година. Прашање е кој ќе работи во него, дали претходно ќе се едуцираат кадри во САД или во Западна Европа бидејќи нашите студенти што завршуваат дефектологија знаат многу теорија, но им е потребна доедукација за практични знаења. Во однос на здравствените мерки, нема некои значајни поместувања. Преку проект направивме четири сензорни соби во јужниот дел на Македонија, тие функционираат некако, но локалната самоуправа треба да сфати дека треба да плати минимален тим кој ќе работи таму.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари