(Видео) Спасовски на Пониква ги посети кандидатите за полициски специјалци

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и дел од раководството на МВР денеска го посетија зимскиот рекреативен центар „Пониква“ во Кочани, каде што се наоѓаат полициските службеници кои беа селектирани за прием во Единицата за специјални задачи.

Како што информираат од МВР, тие во моментов ја реализираат селективната обука и ги презентирале стекнатите професионални знаења.

„Да се биде припадник на ваква елитна единица не е едноставна работа, овие луѓе се најдобри меѓу најдобрите. Зад нив стојат поминати месеци и години напорен тренинг, исклучителна ментална и физичка подготовка и искуство од многубројни извршени сложени безбедносни задачи. Ми претставува особено задоволство што денеска со дел од моите соработници сме меѓу вас, да ви честитам за успешното спроведување на селективната обука и да ви посакам многу успех во новите предизвици што професионално се поставуваат пред вас како припадници на оваа наша респектабилна полициска единица – Единицата за специјални задачи“, рече министерот во своето обраќање.

Спасовски потенцираше дека припадниците на ЕСЗ во секој момент стојат подготвени за најтешките и најопасни полициски задачи.

„Тимската работа и професионалноста се главни одлики на Специјалната единица, затоа со право може да се гордееме со припадниците на оваа елитна единица на Министерството за внатрешни работи. Јас и моите соработници, свесни за важноста и улогата на припадниците на оваа единица , правиме се во рамки на законските и финансиски можности да ви овозможиме што е можно поквалитетни услови за работа. На вас, останува – своето знаење, вештини, професионална етичност и интегритет да ги вложите во името на законите – со цел заедно да изградиме полиција со која што ќе се гордеат граѓаните. Уште еднаш ви честитам и ви посакувам успех“, рече министерот.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари