(Видео) Спасовски: Ги активираме советите за превенција, ја зголемуваме безбедноста

Присуството на полицијата, нејзината отвореност кон граѓаните – секогаш и секаде – е од примарно значење, како заради поефикасно остварување на полициските работни задачи, така и заради поблиска, односно потесна соработка меѓу полицијата и граѓаните, чии што сервис е таа, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на денешната седница на локалниот совет за превенција на општина Конче.

„Функционирањето на локалниот совет за превенција овде во општина Конче е уште еден чекор во насока на целосно остварување на концептот што го афирмираме со поддршка на мисијата на ОБСЕ во Република Македонија за полицијата како сервис на граѓаните. Практично, подинамично приближување на полицијата до граѓаните во локалните средини, независно дали се работи за урбани или рурални средини, меѓусебна редовна комуникација, информирање, едукација, а се со цел да се подигне општиот степен на сигурност и безбедност на граѓаните и на нивните материјални добра. А истовремено драстично преку низата превентивни активности и соработка да се намали стапката на криминалитет во локалните средини“, изјави Спасовски.

Министерот потенцираше дека во локалните совети за превенција покрај надлежни полициски службеници и претставници на локалните власти имаат можност да партиципираат непосредно и конкретно невладините организации и граѓаните.

„Се надевам дека локалниот совет за превенција при општината Конче ќе ја оствари својата корисна мисија. Полицијата од своја страна ќе стори се што е во нејзина моќ, согласно своите законски надлежности и обврски, да даде максимален придонес во функционирањето на советот.Ова е во склоп на активностите што ги преземаме, се со цел поголема безбедност на граѓаните и кои даваат резултати. Резултатите од работата на полицијата се гледаат и од последната анкета на ОБСЕ, каде 75 отсто од граѓаните се изјаснија дека се чувствуваат безбедни. Но, ние не се задоволуваме со тоа и во иднина ќе работиме за овие бројки уште повеќе да се зголемат“, заклучи Спасовски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска имаше работна средба и со градоначалникот на Конче, Благој Илиев, на која се разговараше за меѓусебната соработка.

 

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари