(Видео) Шекеринска, Димитров и Пендаровски: Почнуваат пристапните разговори на Македонија со НАТО

Заменичката претседателка на Владата на РМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Никола Димитров, и Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, одржаа прес конференција во Владата на Република Македонија, како членови на Комитетот за интеграција во НАТО, и членови на Работниот комитет за интеграција во НАТО, информираа за официјалниот старт на пристапните разговори на нашата земја со НАТО, во седиштето на Алијансата, кои ќе се одржат од утре до петок.

„Сега е моментот, сите ние, а најмногу пратениците, од зборови да преминат на дела. Пратениците од сите политички партии се исправени пред историска шанса и одговорност. Никој нема право да ѝ ја одземе иднината на оваа земја и на нејзините граѓани кои предолго ја чекаат оваа вест, особено по поканата од НАТО“, порача Шекеринска.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров рече дека со оваа сесија на разговори во Брисел, Република Македонија ја отвора последната фаза, пред членство во своите односи со НАТО, што претставува суштински исчекор во процесот што ќе нѐ донесе до реализација на нашата најголема стратешка цел, преку целосна имплементација на “Преспанскиот договор”.

„Не смееме да бегаме од нашата одговорност. Нема поголем патриотизам од преземање на одговорноста и визија за иднината. Ние тоа го направивме како Влада, ги инициравме уставните измени коишто се во контекст на успех на овој процес, сега сѐ е во рацете на пратениците. Ништо не е важно – ни партии се важни, ни идни избори. Политички кариери се неспоредливо помалку важни од историскиот, судбинскиот влог пред нас“, рече Димитров.

Тој објасни дека според сите анализи од релевантни институции и поединци, членството во НАТО значајно ќе ја зголеми безбедноста и стабилноста на земјата, но, ќе биде и позитивен пример и придонес за регионалната безбедност, стабилност и просперитет во регионот на Западниот Балкан.

„Приемот на нашата земја во полноправно членство ќе се случи откако земјите членки ќе го ратификуваат Протоколот за пристапување и тоа, секоја одделно во своите национални парламенти.Во нашиот случај е предвидено Грција да биде првата земја-членка која што ќе го ратификува овој документ, откако ние ќе го завршиме нашиот дел од обврските од Преспанскиот договор“, потсети Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски.

На прашање на новинарите упатено до Шекеринска, за делот од излагањето на премиерот Заев, во кое тој повика на помирување во Собранието во име на поддршка на уставните измени, вицепремиерката и министерка за одбрана Шекеринска истакна дека правдата и помирувањето не се исклучиви, туку се надополнуваат и дека пораката на премиерот беше токму во таа насока, дека на оваа држава ѝ е неопходна правда, и додаде дека поделена држава, не е држава што оди напред.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари