(Видео) Николов: Власта сака да ги приватизира Брзата помош и домашната посета

По неуспешниот обид за приватизација на биохемиските лаборатории во целата држава, денес Зоран Заев и министерот за здравство се со нова идеја, но овој пат за приватизација на службите за Брзата помош и Домашна посета, изјави денеска на прес-конференција, Игор Николов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Повторно се покажува дека Владата на СДСМ и министерот за здравство Венко Филипче имаат планови само за богатење на поединци и само зa уништување на се што е создадено во здравствениот систем. Овој пат тоа се крие под нова терминологија и обландата т.н. физибилити студија. Наместо да седнат да работат и да спроведат вистинска реорганизација и оптимизирање на здравствените служби, тие се фаќаат за најлесниот начин, а тоа е приватизацијата“, рече Николов.

Тој обвини дека премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче го уништуваат и демонтираат јавното здравство, за да го зајакнат приватното здравство.

„Филипче, најавува префрлување на Детската кардиохирургија во приватна клиника, префрлување на трансплантацијата на органи во приватни болници како т.н. тип на јавно-приватно партнерство. И не застана тука. Најавува дека и здравствените услуги на Итната медицинска помош и Домашна посета треба да преминат во приватното здравство“, предупредува ВМРО-ДПМНЕ.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари