Средба на Џафери со членови на мешовитиот парламентарен комитет од Европскиот парламент

Претседателот на Собранието, Талат Џафери оствари средба со членовите на Мешовитиот парламентарен комитет, кои што се тука по повод 15-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија и Европската Унија и чиј што домаќин е токму Собранието.

На почетокот на средбата, Џафери им посака срдечно добредојде во законодавниот дом и им посака плодна и успешна работа на состанокот што следи. При тоа рече дека, преку Мешовитиот парламентарен комитет се остварува интензивна соработка и комуникација со Европскиот парламент, кој во континуитет искажува силна поддршка за нашиот евроинтеграциски процес. За Република Македонија, одржувањето редовни дијалози со природните стратешки партнери е значајно бидејќи тоа придонесува за оценување на напредокот во реформскиот процес и забелешките и препораките кои ги добиваме, секогаш ги сметаме за поддршка на нашиот демократскиот развој.

Од страна на членовите на Мешовитиот парламентарен комитет беше искажана благодарност за овозможената средба во овој толку интензивен период за Собранието и за Република Македонија. Тие ги пренесоа впечатоците од претходно остварените средби со политичките чинители во политичкиот спектар на Македонија, при што потсетија дека Република Македонија беше земја која беше најзрела за прием споредено со другите земји од Западен Балкан. Искажаа оптимизам и поддршка за овој обновен европски дух а знак на таа поддршка се зачестените посети на бројни претставници на меѓународната заедница и дека можеби тоа изгледа како некој вид на притисок меѓутоа, тоа треба да се сфати само како посветување внимание и желба за успешно заокружување на сите фази од претходно постигнатиот Договор во Преспа.

Во продолжение, членовите пројавија интерес за процедурата во сите фази и претседателот Џафери детално им ја објасни целата постапка, при што рече дека очекувањата се дека референдумот ќе биде успешен, по што ќе следи усвојувањето на уставните измени, за потоа Договорот да биде ратификуван и од грчка страна. Тој додаде дека граѓаните се свесни дека нема друга опција освен Република Македонија да има успешен преговарачки процес за влез во ЕУ и НАТО и дека секое друга предвидување би било само губење на драгоцено време.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари