Снаата на Ласкова се откажува од сопствеништво, дали фирмата ќе го добие грантот за иновации од 20 милиони денари?

Снаата на Цветанка Ласкова, Христина Керкез, се повлекува од сопствеништвото на фирмата „Декодикс" на која ѝ е одобрен грант од близу 20 милиони денари од Фондот за иновации. Договорот со „Декодикс" не е потпишан и парите не се исплатени токму поради поврзаноста на фирмата со лице носител на јавна функција. Пејачката Цветанка Ласкова е советничка во канцеларијата на премиерот Зоран Заев.

Дали ќе им бидат исплатени парите на оваа и на уште три компании кои до Фондот за иновации доставија изјави за поврзаност со лица носители на јавни функции, зависи од Комитетот за одобрување инвестиции во Фондот за инвестиции и технолошки развој. Фондот побара од компаниите со одобрени грантови да достават изјави за поврзаност со носители на јавни функции под притисок на јавноста откако беше објавено дека државни пари добиле приватни фирми во кои како сопственици се јавуваат вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, и пратеникот Хари Локвенец. Анѓушев и Локвенец се откажаа од одобрените грантови и ги повлекоа апликациите. Комитетот повторно ќе ги разгледува апликациите на компаниите кои се изјаснија дека се поврзани со лица на јавни функции, меѓу кои е и „Декодикс".

Директорот на Фондот, Јован Деспотовски, вели дека во пресрет на седницата на Комитетот на која ќе се одлучува за четирите компании, добиле известување од „Декодикс" за промена на сопственичката структура.

На останатите 73 компании, добитници на грантови за иновации кои не се поврзани со функционери, веќе им се исплатени 45 милиони денари, а тие, пак, вложиле во проектите сопствени 26 милиони денари, вкупно. Исплатата е во тек и се врши во моментот кога компаниите ќе донесат доказ во Фондот дека ги уплатиле сопствените средства.

Извор: Макфакс

Поврзани

Најнови вести

Коментари