Славева: СДСМ во опозиција обвинуваше дека вакцинацијата е бизнис, а сега се закануваат со казни за невакцинирани

Ќе има ли одговорност и кој ќе одговара за епидемијата на морбили што ја зафати Република Македонија, запраша денеска пред Министерството за здравство, Маја Славева од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа рече оти кампањите на Заев и Филипче чиј основен мотив бил дека ако граѓаните ја поддржат промената на името, со влезот во ЕУ ќе добијат поквалитетни вакцини, веќе предизвикува катастрофа.

„Од опозиција во 2011 година водеа кампања против вакцинирањето во ек на епидемија, а сега откако прогласија епидемија на морбили набавуваат вакцини во вредност од над 10 милиони евра и се закануваат со казни за невакцинираните“, посочи Славева.

„Според СДСМ од опозиција масовното вакцинирање никогаш не се практикува во ек на епидемија, затоа што бил потребен период за да се создаде имунитет, а самата вакцинација не е доволна да се спречи епидемијата. Според СДСМ од власт вакцинирањето е задолжително и e обврска за родителите. На кое СДСМ треба граѓаните да му веруваат“, запраша претставничката на опозициската партија во изјавата пред Министерството за здравство.

Славева кажа дека односот на власта кон клучни прашања за здравјето на граѓаните покажува дека тие единствено водат грижа за собирање на ситни политички поени.

„Последица од прибирањето на ситни политички поени е и ситуацијата со епидемијата која директно е причинета од неодговорноста на СДСМ. Обвинуваа дека вакцинацијата е бизнис идеја, а сега набавуваат вакцини за над 10 милиони евра, во ек на епидемија. Крајно лицемерие и неодговорност кон граѓаните и кон нивното здравје“, посочи таа и додаде дека граѓаните секојдневно ги согледуваат лицемерието и неспособноста на оваа власт.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари