Ништо не е како што изгледа дека е

Што сведочи Мино Миновски, човекот кој пукаше во Кочо Рацин

Зошто токму мене тоа ми се случи!
„Не знам колку силно сум викнал да застане. За несреќа, Рацин беше малку тврд на ушите. Јас истрелав само еден куршум, но, за голема трагедија, лошо го погоди. Кога офна од погодокот, дури тогаш го препознав својот долгогодишен другар. Само се сеќавам дека во тој момент ја фрлив пушката и му пријдов, но што понатаму станува со другарите Митре Инадески и Пеце Чинго, кои беа со мене, не знам. По едно време знам дека стигна другарот Дејан – Киро Георгиевски, и цела ноќ седевме до другарот Рацин, до неговото погребување. Пристигнаа и другарите Крсте Црвенковски и други. Овој случај безмерно многу ме заболе.

Зошто мене тоа ми се случи!", запишал во своите сеѓавања Мино Миновски, човекот што пукал и го убил Рацин на Лопушник. Митре Инадески, кој бил со него во трагичниот момент, меѓудругото ќе забележи: „Кога пристигнавме, Рацин се наоѓаше во длабока кома. По извесно време, малку се подосвести. Се преврте и умре. Утредента закопот го извршивме во непосредна близина каде што стана несреќниот случај. Меѓу себе се договаравме да го запаметиме местото за по ослободувањето, кој ќе остане жив да знае каде е закопан Рацин, бидејќи на гробот не ставивме никаков знак."

Крвава антологија на болката
За поетот Кочо Рацин, роден 1908 година во Велес, во енциклопедиите пишува дека бил поет и револуционер, истовремено. Тој е основоположник на современата македонска поезија. Автор е на стихозбирката „Бели мугри", која, поради македонскиот јазик, на кои се напишани песните, била илегално печатена во Самобор кај Загреб, во 1939 година.

Според местото на излегувањето, „Бели мугри" се надоврзува на Зборникот на народни песни од браќата Миладиновци, отпечатен исто така во Хрватска во 1860 година. Стихозбирката на Кочо Рацин одигра огромна улога меѓу народот, истовремено отварајќи го патот кон нормирање на македонскиот литературен јазик.

Меѓу песните од оставнината, била и стихозбирката „Антологија на болката", а пронајдени се и фрагменти од романот „Афион", но и други прозни текстови.
Кочо Рацин бил член на КПЈ и делегат на Конгресот во Дрезден, уредник на илегалниот партиски весник „Искра"; повеќепати бил протеруван и затворан од властите во кралска Југославија. По враќањето од интернација во Бугарија, во 1943 година се вклучува во НОБ. Загинал на 13 јуни истата година на планината Лопушник, убиен од негов соборец – партизан, кој наводно, не знаел дека човекот што се движел низ партизанската база е токму Кочо Рацин.

По војната моштите на Рацин се откопани од Лопушник и се положени во гробиштата на заслужните граѓани во дворот на црквата „Свети Панателејмон" во Велес. Во седумдесетите години на минатиот век моштите се пренесени во криптата на Спомен-костурницата во Велес, каде што се наоѓаат и денес.

Славко Јаневски собра се што имавме дома од Кочо!
„Веднаш по војната, сè што чувавме од брат ми Кочо дома, беше однесено. Се сеќавам дека прв кај нас дојде Славко Јаневски; прегледа низ хартиите и книгите, и собра сè што му требаше. Потоа прати само фотокопии за Музејот во Велес.

Еден дел од материјалите на Кочо зеде и Александар Спасов. Јас тогаш имав одвај 15-ина години и не знаев дека сите тие хартии се толку вредни. Си спомнувам дека од дома кој знае каде беа однесени неколку сандаци книги, тетратки испишани со ракописот на Кочо, разни негови предмети и друго. Ја помнам неговата стихозбирка „Антологија на болката", отчукана на машина, која некако остана дома, ја зачувавме.

Подоцна тој ракопис шеташе од рака на рака, притоа, пред дефинитивно да исчезне, најпрвин го снема листот со првата песна", се сеќаваше Александар Солев, најмалиот брат на Кочо Рацин,при последната наша средба со него во Велес.

Според неговите спомени, луѓето што се интересирале за оставнината на Кочо, доаѓале еден по еден и разговарале исклучиво со мајка му Марија: „Слушав како и велат: Тетка Марие, ова треба за музеј! Таа им го даваше, без никакво прашање. Мислам дека и беше драго што ги бараат тие документи за да направат музеј", ни рече Александар, жалејќи што не може да ни покаже ништо што останало како спомен од неговиот најстар брат. Алаксандар е помлад од Кочо Рацин точно 18 години. Меѓу него и Кочо, се родиле уште девет деца, но само шест останале живи: Грозда, Кочо, Димко, Никола, Деса и Александар.

„Есента 1942 година во собата кај што беа книгите и масичката на Кочо, имаше закачено една голема карта на ѕидот. На неа тој со иглички бележеше до каде се стигнати Германците. Ништо не зборуваше, но се гледаше дека е многу лут. Неколку дена подоцна тој негде замина. Беше рано утро; јас имав десет година и, се разбира, не знаев каде оди, но подоцна сватив дека тогаш го видов последен пат. Јас бев тргнат по глина за работилницата, беше рано, тој не очекуваше дека ќе ме види во дворот. Се сеќавам дека ме погали по косата и заедно излеговме од маалото. Одевме до крајот на градот заедно, а потоа тој ме гушна и брзајќи замина низ бавчите. Тоа беше нашето последно видување. За неговото загинување на Лопушник дознавме цела година подоцна. Мајка ми може нешто знаела, но веројатно не сакала да верува дека е вистина.

Кога партизаните беа во селото Лисиче, јас и таа, со едно магаренце на кое имавме товарено бардачиња и грнци, отидовме таму. Штабот беше во Горно Врановци, но во Лисиче беа единиците што го обезбедуваа целиот тој реон. Таму го најдовме Ќиро Попадичето, партизан од Велес, близок пријател на Кочо. Тој не тргна настрана, ја гушна мама и и рече: „Тетка Маре, вистина е, Кочо загина во јуни, минатата година". Мајка ми само се сврте настрана и тивко заплака; потоа цел пат до Велес плачевме заедно", се сеќаваше Александар со солзи во очите.

Трите погреби на на Кочо Рацин!
Во строга тајност и конспирација, истиот ден кога се случила трагедијата, Кочо Рацин бил погребан на местото каде што загинал. Мајка му Марија, заедно со уште неколкумина негови соборци, две година подоцна успеваат да го најдат гробот, барајќи според одредени белези што ги запомнале дел од сведоците на анстанот. Потоа посмртните останки биле пренесени во гробиштата крај црквата „Свети Пантелејмон" во родниот Велес.

Триесетина година подоцна, Кочо повторно е откопан и заедно со другите велешки борци, во метално ковчеже, во кое не му ги собирало коските, па морало да ги искршат, како што ни изјави еден очевидец на настанот, бил пренесен во велешката Спомен- костурница. Неговиот брат Александар велеше дека ќе било многу подобро доколку Кочо имал свој гроб за да може да му се запали свеќа токму на неговото вечно почивалиште. Неговата несреќна судбина како да ја контролираа луѓето околу него, не дозволувајќи тој да има дури и свој гроб.

Со брат му Александар разговараваме неколку часа, а тој неколкупати ни повтори дека на негови години, човек тешко може да се искачи до костурницата еднаш годишно а не пак секој ден како што во други услови самиот тој би можел да доаѓа за да запали свеќа.

Всушност, таму свеќа не може да се запали. Потоа ни раскажа дека има два сина-Марјан и Коста, крстен на својот чичко. Двајцата веќе имаат свои семејства. Постариот, Марјан живееше во Велес, а помалиот – Коста во Москва. По завршувањето на славистичките студии во главниот град на Русија, внукот на Кочо останал да живее таму. Во времето кога разговаравме Александар Солева, неговиот син Коста Солев беше асистент на еден од факултетите во Москва, беше оженет со Русинка, и имаа еден син.

„Освен редовната работа на факултетот, последниве неколку година Коста има многу работа и како
преведувач за големи компании, кои соработуваат со деловни партнери од Балканот. Благодарејќи на тоа, успеа самиот да си купи свој стан во Москва. Во меѓувреме, хонорарно работи и во радиото „Глас на Русија", каде што е уредник на програмата на српски јазик. Емисијата на македонски јазик е укината за време на перестројката, заедно со уште десетина други програми. Сега радиото емитува емисии на 32 јазика.

Во последниве две-три години, Коста прави напори емисијата на македонски јазик повторно да се врати на московското радио „Гласот на Русија". Кога се слушнавме последниот пат ни се пофали дека наскоро ќе го слушаме на македонски. Тој, исто како чичко му Кочо, ја обожува поезијата, а истовремено се бави и со преведување на песни од македонски на руски јазик. Тој замина во Москва со руска стипендија, никогаш не побара пари од дома. Но, затоа и многу ретко си доаѓаше дома во Велес.

И кога доаѓаше се снаоѓаше за превоз. Многупати си дојде и се врати со академик Гане Тодоровски, кој тогаш беше амбасадор во Москва. Не само што Гане го зема со себе, туку, како што велеше Коста, го носел дури и назад, до зградата каде што живее. По пат со часови разговарале за Кочо, но и за руската книжевност. Син ми многупати кажуваше дека од академик Тодоровски научил за чичко му Кочо многу повеќе, отколку што јас знам за него, иако сум му брат. Кога се видовме последниот пат ми рече дека му должи на својот чичко една студија која сериозно ќе ги истражи сите аспекти на неговото творештво, но и на животот и смртта, воопшто", велеше тогаш седумдесет и деветгодишниот Александар Солев, најмладиот брат на Кочо Рацин.

Каде е поемата „Сандански"?
По војната, откако државата Македонија решила куќата на Солеви да се пренамени во Музеј на Кочо Рацин, семејството добива локација за нова куќа. Во времето кога разговаравме со Александар Солев остатокот од семејството Солеви живееше во близина на меѓуградската автобускаа станица во Велес. За братот Александар, фактот што тој нема ниту еден единствен предмет или барем оригинал од некоја песна од Кочо беше навистина непријатна и горка вистина. Тој знае дека во секое семејство што има личност како Кочо треба да има барем нешто што ќе биде еден вид семејсна реликвија. За жал, велеше тој, не само што тие немаат ништо дома, туку многу од материјалите и предметите на Кочо се изгубени засекогаш.

Според него, заедно со мистериозното загинување на Лопушник, мистериозно почнале да исчезнуаат и материјали од оставнината на основоположникот на современата македонска поезија. Уште на самото место на убиството ја снемува торбата со тетратките, во кои Кочо Рацин пишувал кога можел. Академик Блаже Конески во една своја статија тврди дека меѓу материјалите во торбата на Рацин била и неговата поема „Сандански". Тој ракопис до денес не е пронајден, а не се знае ниту од каде тоа можел да го дознае академик Конески. За да се дојде до некава трага кон таа информација, секако потребно е детално да се истражи архивата на Блаже Конески депонирана во МАНУ. Во неа може да се открие некаква трага каде би можеле да бидат тетратките од торбата на Рацин што тој ја носел сосебе кога е убиен.

Кој ги украде Картичките од Кочо до Раца?
Според Рахилка Фирфова – Раца, жената чие име Кочо го зел како свое презиме, слична судбина на
„неразјаснето исчезнување" имаат и картичките што Кочо и ги испраќал во текот на 1928-1929 година, кога таа била ученичка во шести клас во Велешката гимназија. Пред неколку години музата на Кочо, неговата неостварена љубов Раца, почина во старечки дом во Скопје. Непосредно пред нејзината смрт, имав можност да разговарам со неа, и притоа таа ексклузивно ми изјави дека стихозбирката "Антологија на болката", која и била посветена нејзе, таа ја добила лично од Невенка
Вујиќ, која и ја донела дома.

Во посветатта, според сеќавањето на Раца, пишувало:„Плавој коси Бесмртне љубави", а под неа бил потписот на Кочо напишан со крв.

Со оглед на тоа што Раца тогаш веќе била мажена, ја скинала посветата, а книгата и ја вратила на Невенка. Од тој машинопис, потоа ја снемало и првата песна, како што потврдува и Александар, братот на Рацин. Исто така, Раца добро се сеќаваше дека Кочо напишал, и до неа испратил, точно 34 картички, кои таа ги чувала и ги сочувала речиси цели дваесет година. Подоцна тие картички се однесени, наводно во Музејот во Велес, а потоа во Архивот во Скопје.

Во таа преселба, попатно исчезнуваат седум картички.Иако Раца никогаш не му одговорила на тие картички на Кочо, а се знае и дека тие никогаш и не се запознале, таа за нив зборуваше како за своја реликвија и до последниот ден инсистираше да и ги вратат. Во една од тие картички пишува:„Го земам твоето име како мое, а затоа ти подарувам бесмртност, кондензиран воздив по тебе, „Антологија на болката", и мое портре, ако побараш, капка крв од моето тело и душа – веќе имаш... Прости ми или проколнувај – сеедно.Едно само жалам: што не ја чув смислата преку звукот на твоите зборови или барем нивната трага со мастило".

Јас и Кочо, велеше Раца, не разменивме ниту еден збор. Картичката во која вели дека го зема моето име, ми ја испрати на 6 октомври 1928 година. Кочо тогаш имал 20, а Раца 17 години. Во тоа време најблиска пријателка на Кочо е Невенка Вујиќ, за која Раца сметаше дека не му била само пријателка.

Како и да е, Рафилка, Раца Фирфова се омажи за Никола Ѓоргов, и тие имаа свои деца. Таа умре на 92 години. Споменикот на Рацин во центарот на Велес гледа во прозорецот на мансардата каде што живееше Раца Фирфова-Ѓоргова. Со бучавата околу споменикот како да вртат и зборовите од последната картичка на Кочо испратена до неа: „Сети се само на мојата болка. Ништо повеќе. Строфите од крв се последниот отров за мојата љубов".

Зад Рацин крваво заоѓа есенското сонце; небаре тој, сега, токму пред нас, пак потпишува некоја картичка со својата крв. За кого?

Поврзани

Најнови вести

Коментари