Се намалуваат трошоците во постапките пред нотарите и извршителите

На предлог на Министерството за правда, Владата ги прифати предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за извршување и на Законот за нотаријат. Главната цел на овие измени е намалување на трошоците на најсиромашните граѓани кои не можат да си ги платат сметките за комунални трошоци и кои земаат мали потрошувачки кредити.

Во постапките пред нотарите овие граѓани ќе бидат ослободени од судските такси и од надомест за клаузула за правосилност и извршност. Додека во постапката пред извршителите, според измените на законот, дури 16 ставки за кои досега граѓаните плаќаа одредена сума, со новата тарифа тие ќе бидат целосно бесплатни.

Со предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување, воедно се имплементираат стратешките приоритети на државата определени во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, особено во правец на намалување на трошоците за граѓаните во сите постапки, вклучувајќи ја и прекршочната, информираат од Владата.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари