Положи заклетва дваесет и третата група на волонтери на Мировен Корпус

Четириесет и осум американски волонтери на Мировен корпус Македонија положија свечена заклетва. Овие Американци и се приклучија на групата од повеќе од 750 американски граѓани кои служеле во Македонија од 1996 година. Волонтерите во Мировниот корпус имаат работено во речиси сите општини во Македонија соработувајќи со наставници, ученици, и организации.

На церемонијата присуствуваа амбасадорот на САД во Македонија Џес Л. Бејли, министри, претставници на општините, директори на училишта и други соработници, како и семејствата-домаќини на волонтерите. Волонтерите ќе почнат со својата служба во сабота.

„Волонтерите, не само што го претставуваат најдоброто што му го нуди Америка на светот, туку со себе го враќаат и најдоброто што може Македонија да го понуди на светот и на Соединетите Американски Држави, градејќи долговечен мост на соработка меѓу луѓето“, рече амбасадорот Бејли.

Како дел од подготвителната обука, волонтерите живееја во семејства-домаќини изучувајќи го македонскиот и албанскиот јазик и културата. Тие имаа можност и за практична обука предавајќи во локалните училишта и помагајќи во локалните невладините организации.

„Волонтерите живеат заедно со локалното население, работат со нив и им помагаат. По две години, волонтерите кои заминуваат велат дека нивното време во Македонија не само што ги променило туку ги трансформирало. Тие имаат повеќе самодоверба и способност за решавање на проблеми“, рече директорот на Мировниот корпус во Македонија Марк Ханафин.

Мировниот Корпус е основан во 1961 година, од претседателот Џон Ф. Кенеди. Мировниот корпус има три цели: да им помогне на земјите коишто имаат потреба од квалификувани лица што ќе обезбедуваат техничка помош, да помогнат во промовирањето подобро разбирање на американскиот народ преку волонтерите и да споделат информации за заедниците и земјите каде што живеат и работат волонтерите со американските заедници и семејства.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари