По собраниската бура лидерите ќе се договараат

Лидерите на парламентарните партии денеска во 18 часот во Клубот на пратенциите ќе седнат на заедничка маса со цел да се догоговорат за избор на членови на ДИК, откако Владата вчера предложи, а Собранието даде амин за измени на Изборниот законик - односно највисокото изборно тело наместо со двотретинско мнозинство да се избира со 61 глас.

„Заради исклучителниот политички момент кој наложува проширување на институционалната рамка на лидерските состаноци, на оваа средба во формат 1+1 (лидерот на партијата плус уште еден претставник на политичката партија), се поканети партиите со повеќе од еден пратеник во Собранието на Република Македонија", информираа од Владата за лидерската средба. 

Законот е предложен со европско знаме па донесувањето ќе се води во скратена постапка.За потребата од измени на Изборниот законик опозицијата гласаше „против" и ја повика власта да покаже политички разум и да ги повлече измените.

Постапката за нив е скандалозна.

„Ова е лош ден за демокатијата. Да предлагате измени на Изборен законик во ваква скандалозна постапка без учество на опозицијата е политичко неразумно и авторитативно однесување" рече Драган Данев од ВМРО ДПМНЕ.

Според владејачката партија опозицијата тактизирала предолго време и веќе се прегазени сите рокови за избор на комисијата која треба да го спроведе референдумот.

„Од 2008 година, вие од ВМРО ДПМНЕ тврдите дека сте за референдум. Со блокирањето на ДИК, оневозможувате граѓаните да се изјаснат на рферендумот, ние тоа мора да им го овозможиме", возвратија пратениците од мнозинството

Се обрати и спикерот Талат Џафери. 

„Собранието не може да биде заробеник на било која партија. Со тактизирањето околу изборот на ДИК се доведува во прашање правото на граѓаните да се изјасната на референдум", рече Џафери.

„Нема потреба во Собранието да се дебатира и да се гласа, тоа може да го прави само „пратеникот" Талат Џафери. Тој може да гласа во името на 120-те пратеници се што ќе му прати Владата“, порача Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ откако мнозинството ги стави на дневен ред измените на Изборниот законик.

„И со комисиите нема потреба да заседаваат други претседатели, туку тоа може да го прави само Артан Груби“,  рече Димовски.

Џафери му се заблагодари на Димовски на како што рече укажаната доверба да гласа во име на сите 120 пратеници.

Со предлог измените Владата освен што предлага  да се смени потребното мнозинство за избор на членови на ДИК, во измените Владата предлага и нов начин на кандидирање на членовите на ДИК.

Според предлогот во Изборниот законик се брише точката која предвидува собраниската Комисија за именување да подготви предлог-листа на кандидати а кандидатите да се предлагаат директно на собраниска седница.

Во предлог-измените пишува дека на собраниска седница опозицијата треба да предложи претседател и двајца членови на ДИК а власта потпретседател и тројца членови на Државната изборна комисија.

ВМРО-ДПМНЕ бара од власта да се држат до договореното, пред избор на  членови на ДИК да се усвои  Законот за финансирање на политичките партии како и законот за Влада.

Рокот за избор на членови на оваа Комисија истече пред две недели.

Членовите на ДИК си дадоа оставки во декември лани, по што власта и опозицијата со консензус изгласаа измени на Изборниот Законик.

На огласот за членови на ДИК се пријавија 40 кандидати. 

 

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари