Пишев до Јанкулоска: Прати го Чавков да ми биде логистика во Струмица

Од една од СМС комуникациите кои денеска обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова ги презентира на рочиштето за случајот „Титаник“ кој се однесува за изборни нерегуларности, може да се слушне како пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Васил Пишев за изборите во 2013 година кога беше кандидат за градоначалник на Струмица бара од тогашната министерка Гордана Јанкулоска да ги прати ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков и Далина Наќева Потурак да отидат во Струмица за да му пружат логистичка помош за изборите.

„Прати ми ги како логистика Митко Чавков во Струмица и Далина Наќева Потурак. Добро го разбираат теренот“, стои во пораката кој Пишев ѝ ја испраќа на Јанкулоска.

По ова, поранешната министерка му враќа „Баш сега сакав да му вртам на Чавков. Во Струмица мора да ги смачкаме“.

Јанкулоска исто така во пораките вели дека секогаш има толеранција и може да ги ослободи вработените во МВР за изборна кампања. Таа открива дека одредена вработена веќе цел месец не оди на работа и никој не ѝ прави проблем.

Во „Титаник“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари