Павлопулос: Уставни промени за поддршка за НАТО и ЕУ

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос порача дека само кога Скопје ќе заврши со уставните промени, може да се приклучи во НАТО или да започне преговори со ЕУ. Павлопулос вели дека штом Скопје го комплетира овој процес, Преспанскиот договор ќе оди на ратификација во атинскиот парламент.

„Решавањето на прашањето за името треба да биде во согласност со историјата и меѓународното право. За да се случи тоа, како што јасно наведоа и го прифатија ЕУ и НАТО, соседната земја треба да ги направи потребните промени во правниот систем, особено во Уставот. Само кога ќе заврши целиот процес и штом се потврди дека уставните измени ги содржат сите гаранции, тогаш може да имаат покана за членство во НАТО и почеток на преговорите за членство во ЕУ. Исто така, само тогаш може да се финализира содржината на Договорот меѓу Грција и ПЈРМ и може да се ратификува во грчкиот парламент“, истакнува тој.

Германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер, кој е во Атина, по средбата со Павлопулос и премиерот Алексис Ципрас, рече дека договорот од Преспа бил храбар чекор, но изрази жалење што исходот од референдумот не обезбедил конечно решение.

„Дојдов тука за да ја искажам мојата почит кон храбрите напори што ги направивте за да имате договор со ПЈРМ, со соседната земја и многу ми е жал што резултатот од референдумот не даде конечно решение. Повеќето од оние кои гласаа за овој договор го поддржаа, но тоа мнозинство не беше доволно. Се надевам дека вложените напори нема да пропаднат“, изјави Штајнмаер.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари