Обвинителството бара притвор за даночниот испектор поради поткупот од 5.000 евра

Основното јавно обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против инспекторот од УЈП кој побарал и примил поткуп од сопственик на угостителски објект, како и за двете лица кои помалагале при извршување на кривичното дело.

„Осомничените, на 05.11.2018 година, во еден угостителски објект, реализирале заедничка средба, на која оштетената на првоосомничениот му ги предала парите во износ од 5.000 евра во десет банкноти во апоени од по 500 евра. Банкнотите биле претходно крим-технички обработени од страна на полицијата. Осомничениот ги ставил обележаните банкноти во џебот од палтото и по интервенција на полициските службеници бил затекнат со нив кога го напуштал угостителскиот објект“, соопшти Обвинителството.

Оттаму велат дека со оглед на проценката дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, постои основан страв дека осомничениот ќе ги сокрие или уништи трагите на кривичното дело и ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците, како и особените околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело. Затоа надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка доставил Предлог за определување мерка притвор. За второ и трето осомничените лица се предложени мерки на претпазливост, кои вклучуваат забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска повремено да се јавуваат кај надлежен орган и привремено одземање на патната исправа.

 

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари