МЗШВ: Континуирано се работи на развој на овчарството, сет мерки се планирани и за следната година

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство изминатиов период одржа повеќе средби со одгледувачите на овци, со цел да се слушнат сите предлози што ги имаат и проблемите со кои се соочуваат, соопштуваат од МЗШВ и додаваат дека министерството ќе ги рагледа барањата на одгледувачите на овци и е отворено за средба со нив.

„МЗШВ континуирано работи на развојот на оваа сточарска гранка. Од следната година со Програмата за рурален развој за 2019 година планирано е зголемување на сумата за мерката „Набавка на приплоден добиток“, од постоечките 14 милиони денари на 60 милиони денари, а паралелно ќе се работи и на измени на правилникот за оваа мерка со цел да биде подостапна за сточарите и да има поголема искористеност. Оваа мерка ќе придонесе за подобрување на генетскиот потенцијал на добитокот, што крајно ќе доведе до попродуктивно производство и поголем приход за сточарите.

Воедно од следната година субвенциите за предадено овчо млеко од годинешните 4 денари се зголемуваат на 4,5 денари за литар предадено млеко. И следната година во програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 10 отсто ќе бидат зголемени субвенциите за сточарите со развоен потенцијал вклучително и за одгледувачите на овци.

Од 2019 година ќе се започне со електоронско преобележување на ситниот добиток вклучително и на овците, со што ќе се евидентира точниот број на добиток, што е важно за креирање на мерките за субвенции во овчарството. Исто така следната година преку програмите на МЗШВ за ЈП „Пасишта“ ќе бидат одвоени 24,5 милиони денари наменети за колектори и агрегати за обебездување електрична енергија за летните пасишта (трла) со овци. МЗШВ работи на измени на правилникот со кој е предвидено олеснување на критериумите за отворање на мали производни капацитети за преработка на традиционални сточарски производи“, стои во соопштението на министерството.

Оттаму велат дека оваа година во Програмата за 2017 година за 10 отсто се зголемија субвенциите за сточарите со развоен потенцијал, вклучително и за одгледувачите на овци, а дополнително има и дополнителни директни плаќања од 30 % за зголемен пријавен број на грла во основно стадо.

Паралелно, велат од министерството, МЗШВ активно работи на изработка на нов Закон за пасишта, со што ќе им се помогне на сточарите во планирањето и организирањето на сточарското производство.

„Со новиот закон по речиси 20 години ќе се уреди постапката и користењето на пасиштата во државна сопственост како добро од општ интерес, на современ и транспарентен начин. Со законските решенија е предвидено да се воспостават евиденција на државните пасишта и Регистар на пасиштата, како и да се пропишат одредби за класификација на пасиштата согласно со нивната намена“, стои во соопштението.

На вчерашната владина седница беа обезбедени финансиски средства за исплата на субвенциите за огранско производство, меѓу кои се и субвенциите за одгледувачите на овци кои имаат органско производство, за што исплатата ќе започне оваа недела.

Според податоците од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и во руралниот развој по основ на сите мерки за овчарство од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2017 година, се исплатени скоро една милијарда денари субвенции.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари