Младите побараа повеќе простор и можност да се слушне нивниот глас

Колку институциите ги отвараат вратите за младите? Колку младите имаат простор да се изразат? Кои се нивните најголеми предизвици? Има ли кој да ги сослуша младите? Ова беа дел од прашањата на кои денеска дискутираа младите заедно со претставници од владините институции, граѓанскиот сектор и меѓународната заедница на дискусијата „Незаинтересирани млади, несигурна иднина? Младинското учество како катализатор на eвропската иднина на Р.Македонија”.

На настанот организиран од Асоцијацијата за едукација „Младиинфо Интернационал“, присуствуваа повеќе од триесет млади луѓе кои ја искористија можноста да го искажат своето мислење и да предложат решенија за националните институции и невладиниот сектор. Младите активисти од организациите „КРИК“, „Младите можат“, „Мултикултура“ и другите присутни млади истакнаа дека многу е важно да добиваат навремени и квалитетни информации кои ќе ги мотивираат да се вклучат во општествените процеси, да се стават во фокусот на работата на сите чинители, да се даде простор да се чуе нивниот глас и да се прифатат нивните идеи, бидејќи младите најдобро знааат што им треба за подобар квалитет на живот.

„Формулата за успехот за тоа како да ги мотивираме и задржиме младите во процесите, е тоа да им понудиме знаења и вештини за самите тие да дојдат до заклучок дека можат да постигнат одредена промена“, беше една од многуте пораки на младите.

На дискусијата со младите и’ претходеа презентации од претставници на национално и европско ниво кои директно работат на тема млади, како и резултати од истражувања од граѓанскиот сектор токму на темата младинска вклученост.

Ирена Иванова, Програмски менаџер за граѓанско општество при делегацијата на Европската Унија во Скопје истакна дека токму младите ги поседуваат уникатните караткеристики како, свежи идеи, проактивност и храброст, кои треба да се искористат за позитивни промени и подобрување на нивната иднина.

„Младите се оние кои директно треба да алармираат за проблемите, да даваат свои предлози како да се надминат недостатоците и како заедниците да станат подобри“, истакна Иванова во своето обраќање.

Ѓорѓи Тасев, Посебен советник за млади и спорт во Владата, изјави дека младите се високо на листата на приоритетите на Владата. Претстави дел од мерките и програмите преку кои Владата работи за подобро младинското учество, како што се гаранцијата за млади и програмата за практикантство.

Според Билјана Јанева, директорка на Институтот за економски стратегии и меѓународни односи ОХРИД, дури 170 000 млади луѓе се вклучени преку политичките подмладоци на партиите, учество што според неа не треба да се генерализира и смета за негативно, туку треба да се најде начин како да се искористи неговиот потенцијал.

Потенцијалот на младите беше и во фокусот на Ана Блажевска, Програмски менаџер при Центарот за истражување и креирање политики – Скопје, која споделувајќи резултати од нивните истражувања, потенцираше дека повеќе од 87% од младите сметаат дека државата не го искористува нивниот потенцијал, што резултира со младите да се чувствуваат непродуктивно и да не чувствуваат припадност, а со тоа и да не преземаат активности за да ги променат нештата.

Дискусијата „Незаинтересирани млади, несигурна иднина? Младинското учество како катализатор на eвропската иднина на Р.Македонија” е дел од Проектот Средиште на младински банки за Западен Балкан и Турција, финансиран од страна на Европската Унија и спроведуван од страна на пет организации од регионот (Младиинфо Интернационал од Македонија, Фондација Ана и Владе Дивац од Србија, НВО Прима од Црна гора, Партнери Албанија од Албанија и Фондација Волонтери за заедницата од Турција).

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари