Мисовски до Димовски: Ако не гласаш за амандманите, Мицкоски ќе ве смени (ВИДЕО)

Горан Мисовски пратеник од парламентарното мнозинство во реплика до Илија Димовски кажа дека има две опции: Едната е сите пратеници во Собранието да гласаат за уставните амандмани, а втората е да се одржат предвремени избори на кои според анкетите, како што рече тој, СДСМ е во водство.

- Мицкоски сака избори за да ве смени Вас и да кандидира свои пратеници, кажа Мисовски во реплика до Димовски. Тој ги повика пратеници од опозицијата да гласаат за уставните измени.


Илија Димовски во својот говор уште еднаш напомена дека Собранието нема легитимитет да носи одлука.

- Прв проблем е моментот на преговори каде што немаше вклучено ниту еден претставник од опозицијата. Потпишувањето на Договорот со Грција не го следеше потпишувањето како Договорот со Бугарија. Владата сама одлучи како ќе се одвива референдумот, без да биде запознаен некој од опозицијата. Не смееме да се удираме во ѕид, да викаме дека нема друга алтернатива. Правецот е НАТО и Европска унија. И од сите 120 пратеници, сите се со исто размислување, но како да го постигнеме тоа, е за тоа имаме различни ставови – кажа Димовски.

- Врз база на искуството повикувам ова Собрание да констатира дека овој предлог е неприфатлив и да се врати на документите од 2008 година. Тоа е единствениот начин како Република Македонија да продолжи понатаму. Не сакам да нафрлам вина, ниту некој да чувствува вина. Не сакам минатото да се нуди како залог за иднината. Единствено што треба да правиме е да се грижиме за иднината. Пријателство со Република Грција ни е потребно, но најпрвин ни е потребно пријателство во Македонија. Потребно ни е разбирање со Република Грција, но прво ни е потребно во Македонија – кажа Димовски.

И пратеникот од коалицијата СДСМ, Павле Богоевски, му реплицираше на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, порачувајќи му дека сите негови аргументи паѓаат во вода. Богоевски рече дека самиот Устав му дава легитимитет на Собранието да расправа за уставни измени.

- Имаме легитимитет и те како да расправаме за предлогот. Легитимитот да се бара во изборни програми е во целост погрешно. Паѓа во вода се што вие зборите дека немаме право да расправаме. Велите дека опозицијата не беше консултирана во текот на преговорите, но не е точно, бевте консултирани во процесот, а освен тоа никогаш не ја прашавте тогашната опозиција кога вие преговаравте. Вашето незадоволство потекнува од фактот што некои други го решија прашање што вие не успеавте да го решите – рече Богоевски и праша која е алтернативата за Македонија ако пропадне Договорот во Преспа и кога Македонија да очекува да се види во ЕУ и НАТО.

Богоевски цитираше и дел од изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ каде стои дека партијата нема да дозволи решение за името да биде прифатено без при тоа да се изјаснат граѓаните на референдум и при тоа само ако мнозинството на граѓаните се согласни.

На тоа Димовски реплицираше дека во истата изборна програма стои реченица дека пратениците нема да прифатат промена на Уставот со цел промена на уставното име. Тој додаде дека алтернативата ја гледа во стратешко партнерство со НАТО и ЕУ.

За дискусија се пријавени 66 пратеници.

Поврзани

Најнови вести

Коментари