Минов условува: Северна Македонија да биде по зачленувањето, власта и опозицијата да се обединат за ова

Ако е условен влезот во ЕУ и НАТО, ние да условиме прифаќање на името Северна Македонија да биде по нашето зачленување во ЕУ и НАТО, изјави денеска од собраниската говорница Панчо Минов, пратеник од ГРОМ.

Предлозите за одложена промена на името по влезот во ЕУ и НАТО, да бидат основа за договор меѓу власта и опозоцијата, предлага пратеникот од ГРОМ Панчо Минов. Тој побара премиерот и министерот за надворешни работи да се изјаснат, а потоа врз основа на овие предлози да најдат заедничко решение.

„Прифаќање на промената на уставното име за внатрешна употреба да важи по финализирањето на преговорите со ЕУ за зачленување. Прифаќајќи го амандманот за промена на името, неговата меѓународна употреба да важи по зачленување на Македонија во НАТО и ЕУ“, изјави Минов.

Со ова, мислам дека, од една страна ќе извршиме имплементација на спогодбата со Грција, а од друга страна, додава Минов ќе ја условиме примената на уставното име со нашето зачленување во НАТО и ЕУ.

Предлагам ако ова се прифати, ова да го предложи опозицијата. Таквиот предлог треба да биде основа за преговарање на позицијата и опозицијата на лидерско ниво, вели пратеникот од ГРОМ.

Сакам да потенцирам дека ние треба како претставници од граѓаните да тргнеме од нив. Определбата за ЕУ и НАТО не е спорна, вели Минов и додава проблемот е промената на уставното име. Во изнаоѓање на решението за овој проблем, лично сметам дека треба да пристапиме кон изнаоѓање на решение кое ќе значи дека условеноста од Грција да се задоволи, а во Парламентот да се однесуваме согласно волјата на граѓаните, порача Минов од Собранието.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари