Мицотакис: Договорот е лош, го повикувам Ципрас да не го потпише

Решението што е договорено е лош договор и е спротивно на ставот на мнозинството Грци, вели лидерот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис во изјава за постигнатиот договор меѓу Македонија и Грција.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Мицотакис повторно го обвини грчкиот премиер дека нема политички легитимитет и дека води тајна дипломатија и го повика да не го потпише договорот.

- За суштината на договорот и врз основа на она што засега го знаеме и го слушнавме од господинот Ципрас, имам да го кажам само следното: Прифаќање на македонски јазик и македонска националност се неприфатлива национална отстапка, рече Мицотакис и додаде дека негов приоритет е со сите сили да придонесе грчкиот народ да остане обединет.

Го повтори неговиот став „нема да ги поделиме Грците за да ги обединиме Скопјаните" и го повика Ципрас да не го потпише договорот.

- Сакам да сум јасен. Господинот Ципрас нема никаков политички легитимитет да ја обврзе земјата, потпишувајќи договор кој нема поддршка од самата негова влада. Ова досега се нема случено во грчката политика и во уставната историја и претставува навреда на парламентарниот систем. Веднаш ќе го известам претседателот на државата, рече Мицотакис, пренесе МИА.

Лидерот на Нова демократија и покрај тоа што беше закажано за денеска, со претседателот на државата Прокопис Павлопулос ќе се сретне утре наутро.

Поврзани

Најнови вести

Коментари