ГРЕКО ОЦЕНУВА

МАКЕДОНИЈА СЕ ДАВИ ВО КОРУПЦИЈА - Борбата е разочарувачка

Македонија нема направено суштински напредок во спроведување на препораките за спречување корупција меѓу пратениците во парламентот, судиите и меѓу обвинителите. На задоволително ниво се спроведени само шест од 19 препораки, се нотира во вториот извештај на ГРЕКО (телото за борба против корупција на Советот на Европа) кој бил усвоен на 22 јуни, а е објавен денеска.

Од останатите 13, 8 препораки се делумно спроведени, а пет воопшто не се спроведени. Мониторингот покажал дека што се однесува до пратениците во парламентот, пак, ниту едно од препорачаните подобрувања не е спроведено ниту делумно. Станува збор за препораките на ГРЕКО кои се однесуваат на воведување правила за ангажман на пратениците со лобисти и други групи кои сакаат да влијаат на законодавниот процес, како и за интерни механизми во Собранието за спречување конфликт на интереси и земање подароци или прифаќање услуги.

Оценувајќи дека работата на полето на антикрупцијата е „јасно разочарувачка", ГРЕКО ги повикувува властите да преземат порешителна и фокусирана активност во однос на бројот на препораките објавени пред 4,5 години.

Што се однесува до работата на судиите и обвинителите, ГРЕКО оценува дека државата направила некои лимитирани подобрувања, наведувајќи го усвојувањето на измените на Законот за Судскиот совет во декември 2017 и мај 2018 година. Исто така се забележува дека се формирани нови советодавни и супервизорски тела за судиите и обвинителите со цел да се поддржи спроведувањето на соодветните правила на однесување во секојдневната пракса.

Антикорупциската група на Советот на Европа има забелешки и за функционирањето на Антикорупциската комисија. Во извештајот се потсетува дека во последниот извештај на Европската комисија објавен во април годинава не е нотиран напредок во однос на зајакнувањето на истражувачките капацитети и независноста на Антикорупциската комисија од политичките партии и генерално има ограничени податоци за корупциски случаи во кои се вклучени високи функционери.

ГРЕКО бара од шефот на делегацијата на Македонија да достави извештај за напредокот на земјата во спроведувањето на препораките што е можно побрзо, но најдоцна до 30 јуни 2019 година.

Поврзани

Најнови вести

Коментари