Левица: Власта спроведува приватизација манипулативно и без јавна дебата

Новиот бран на распродажба на јавните добра кој го сведочиме периодов се одвива стихијно и без јавна дебата, а неговиот резултат е повеќе од јасен: зголемување на цената на услугите, намалување на платите и условите на вработените и јакнење на олигарсите кои ќе ја стекнат сопственоста врз овие претпријатија, обвинува почитичката партија Левица.

„Од предлозите да се реши проблемот на железниците и поштата со нивна либерализација, па се до најавената либерализација на енергетскиот пазар и распродажбата на брзата помош и детската кардиохирургија, очигледно е
дека 27 годишната традиција на распродажба на јавните и државните добра не е завршена. Притоа, власта манипулира со јавноста, стихијно спроведувајќи ги овие приватизации, избегнувајќи медиумска покриеност и јавна дебата. Во оние ретки моменти кога власта сепак мора да се произнесе, таа користи две стратегии за да не создаде револт кај масите: го избегнува терминот приватизација и кокетира со јавната перцепција дека државните претпријатија се неефикасни“, тврди Левица.

Партијата преку соопштение укажува дека терминот „приватизација“ со право стекнал негативна конотација во периодот после осамостојувањето на Републиката, па оттука власта вешто го заменила овој термин со други, помалку оцрнети називи, што кулминирало со именувањето на приватизацијата на детската кардиохирургија како „преселба“.

„Од друга страна, јасно е дека државните претпријатија се неефикасни и корумпирани, но притоа мора да се земе предвид дека причината за ваквиот феномен е тенденциозното уништување на овие претпријатија, се со цел
нивна полесна распродажба на олигарсите во државата. Дополнително, годинава бевме и сведоци на скандалот што го обелодени „Трансперенси интернешнл”, во кој политичката партија ДУИ се финансирала преку државни институции. И на крај, неефикасноста на овие претпријатија е и една од последиците токму на неспособноста на Владата која има мандат и должност да менаџира со истите“, обвинува Левица.

Партијата додава дека во оваа насока, приватизациjата како решение на властите не е ништо освен избегнување на одговорноста и зацврстување на врските со бизнис елитата.

„Услугите не стануваат поквалитетни кога ќе се префрлат во рацете на капиталот, туку стануваат поскапи. Такви примери имаме и во Македонија (приватните болници и училишта се поскапи) и низ Европа (после либерализацијата на енергетскиот пазар, во повеќето земји во Европа електричната енергија поскапела, некаде дури и дупло). Напротив,
решението е во квалитативното подобрување на државните претпријатија“, додава Левица ви соопштението.

 

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари