Кучето кое беше повредено со секира, пристигна во новиот дом во Чешка

Некаде кон почетокот на минатиот месец, куче облеано со крв лежеше на улица во центарот на Охрид, а очевидци потврдиле дека некој нехуман жител му забил секира во глава на кучето кое притоа не испуштило глас, туку мирно си ја чекало својата судбина, најверојатно помирувајќи се дека тоа ќе биде крајот на неговиот живот.

Фотографии од кучето со бело крзно кое сега беше црвено од крвта, ги преплавија социјалните мрежи, а активистот Климент Арнаудов и неговите пријатели од Охрид ги зедоа работите во свои раце – Манго беше однесен на ветеринар, беше извршена интервенција, но неизвесна беше неговата судбина.

„Операцијата добро помина, раната беше многу длабока до пршлени, има преку 60 конци, мораше да се фиксира вратот со гипс за да не ги кине конците. Стискајте палци за да истрае милово, а штом бидне опоравок да му најдеме најпрекрасно домче. Ветеринарот влева надеж дека ќе успее, иако вечерва е критична, па затоа ќе дежураме“, напиша Климент на Фејсбук веднаш по операцијата.

Секојдневно, тој преку Фејсбук информираше за состојбата на кучето за кое вели дека е најмилото суштество што некогаш го видел. Само два дена откако некој крвнички си поигра со судбината на Манго, Климент информираше дека кучето не ја губи довербата во луѓето.

Манго во наредниот месец напредуваше добро, со помош на грижата од неговите пријатели – активисти. Раната целосно зарасна, а тој се претвори во преубаво весело куче. Хумани луѓе донираа пари, а наскоро стигна и веста дека Манго ќе патува во Чешка, каде што е најден дом за него.

Пред два дена, Манго стигна во својот нов дом. Спие на кревет и веднаш се навикнал на новата средина, која му ја врати довербата во човечкиот род. Најсреќен, се разбира е Климент, а и неговите пријатели, кои во последниов месец и половина целосно се посветија да го вратат на нозе кучето кое настрада од нечовечка и сурова постапка.

Манго кога беше најден, на 8 октомври годинава и Манго денеска, во новиот дом во Чешка

Во меѓувреме, поднесена е пријава до МВР против непознат сторител.

„На тој што ова му го учинил на Манго не му посакувам ништо лошо, но му посакувам час поскоро да се покае за стореното злодело и јавно да се извини за монструозниот чин со ветување дека никогаш нема да стори нешти слично. А ако по некоја игра на „случајноста“ има исход по однос пријавата, казната да му послужи како поука да се себекорегира штом доброволно не нашол начин да увиди какви ужасни дела црнилата душевни може да предизвикаат. Оти, ако би му посакал исто вака тој или некој негов ближен да настрада, што тоа мене ќе ме направи поразличен од него?“, вели Климент, посакувајќи му убав „втор живот“ на Манго.

„Не велам дека и во странски земји нема насилие и злоупотреби на животинките, напротив и таму ги има, но велам дека во странските земји сочувството и свеста за животинките е за едно ниво повисоко од она на Македончето, што на граѓаните што на институциите. Ќе се промени ли земја Македонија и ќе стане ли една поарност за сиротиве бездомни и домни кученца (и маченца)? Тоа само од нас народот и од нас лично зависи. Биднеме ли поарни во душиве, ете ни и поарна земја. Биднеме ли и натаму трули и црни, ете ти бедна земја, со бедни власти и институции. Манго, уживкај си во второто животче“.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари