Канческа-Милевска бара национален консензус пред да се гласаат уставни измени

Лидерите на политичките партии да седнат на заедничка маса, ни треба консензус и дијалог наместо присилно наметнување за одржлив договор. По затворање на расправата ние нема да гласаме дали одма ќе се менува Уставот туку да донесеме одлука дали може нешто да направиме за договорт или не, рече пратеничката Елизабета Канческа-Милевска, на собраниската седница за уставните измени.

„Жалам што не се реши ова со национален консензус, тогаш немаше да се расправаме и да се калкулира кои пратеници ќе гласаат за уставни измени и ќе се окарактеризираат како патриоти и предавници. Ако постигневте консензус сега сите 120 пратеници ќе ја потврдевме со акламација евроатлантската иднина“, рече Канческа Милевска.

Според неа, голема пречка било селективното информирање, исклучувањето на Иванов, опозицијата и непочитување на законите и деловникот.

„Брзоплето скративте можност за дебата и не ограничивте за брзо да протуркате, со тоа се префрли одговорноста на пратениците, а тоа не е чесно. Референдумот не е анкета, факт е дека беше неуспешен. Сите сме за ЕУ и НАТО, но не може договор и промена на Устав без национален консензус. Двете партии да имаа кампања ‘за’ и ‘против’ ќе имавме реална слика на референдумот“, рече таа.

Според неа, сите пратеници требало активно да бидат вклучени и да не се третираат како гласачка машинерија.

Таа го цитираше премиерот Зоран Заев кој рекол дека пратениците не се математика и бројки и убедена е дека никој нема да се продаде. „Во медиумите читаме секакви коментари за предавници, и калкулации за пратеници од опозицијата. Нема да дозволам да сум втурната во нешто за што не сум одговорна“, рече Канческа Милевска.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари