Кацарска до Русковска: Вилма не викај му на сведокот, не прави тензија во судница

По исказот на сведокот Светлана Наумовска, во кој имаше само пофални зборови за обвинетата Елена Доцевска-Божиновска и во кој Наумовска кажа дека обвинетата не ѝ укажувала на толпата во која насока да се движи, обвинителката Вилма Русковска со повишен тон ја праша Наумовска како може да знае дали обвинетата ги насочувала граѓаните во Собранието кога таа била во канцеларијата додека обвинетата се наоѓала надвор низ ходниците.

„Како тврдите дека Елена не ја повикувала масата, а самата кажавте дека сте биле во секретарската канцеларија, а таа била надвор“, праша Русковска со висок тон.

Судијката Добрила Кацарска реагираше на повишениот тон на Русковска и атмосферата што се создаде во судницата.

„Вилма, немој да ми правиш тензија во судницата, те молам, ако обвинетите културно се однесуваат Вие треба да бидете трипати повеќе од тоа. Треба да ја утврдиме фактичката состојба, не знам што Ви е денеска“, рече судијката Кацарска.

По кратката расправа во судницата, сведокот Наумовска се расплака по што изјави дека обвинетата Елена за неа е жена за пример.

„Не знам како вие ја гледате, но Елена за мене е ѕвер, жена над жените, мајка над мајките, тоа може да го потврди секој кој ја знае или испил барем едно кафе со неа“, рече низ солзи Наумовска.

Судијката Кацарска даде пауза од час и пол по што судењето ќе продолжи со искази на другите сведоци вработени во Собранието.

Виктор Јованов

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари