Филипче: Се прави план кои лица ќе добијат заштитни маски поради загадувањето

Министерот за здравство, Венко Филипче и Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје денеска одржаа прес-конференција на којашто ги посочија препораките и советите на здравствените власти за заштита на граѓаните од загадувањето на воздухот.

Преку Системот „Мој термин“, како што беше посочено на денешната прес-конференција, здравствените власти веќе имаат доволно податоци во однос на бројот на ранливи категории на граѓани. Во таа насока, како што истакна министерот за здравство се прави план на кој начин и кому ќе бидат поделени 50 илјади заштитни маски.

„Свесни сме дека ова е проблем којшто се провлекува многу години наназад. И исто така сме свесни дека за да има вистински ефект и резултати, треба да се започне со работа и оваа Влада токму тоа го прави“, потенцираше министерот за здравство Филипче.

Министерот рече дека борбата против аерозагадувањето е стратешки приоритет на Владата и сите институции се насочени кон спроведување на мерки коишто ќе придонесат за намалување на загаденоста на воздухот.

Филипче советува да се ограничи движењето и активностите на отворен простор на најранливата популација (деца, повозрасни и хронично болни лица), како и за лицата коишто работат на отворено. Тој препорачува храната да биде богата со витамини и антиоксиданси, а хронично болните редовно да ја земаат препишаната терапија од својот лекар.

Граѓаните, како што рече Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје, треба пред се, да се заштитат, но исто така тие имаат и улога во намалувањето на загадувањето на воздухот. Како што истакна Ѓорѓев клучно е сите граѓани да го подобрат својот имунитет.

„Ефектите на здравјето, прво се на респираторниот систем, значи заштита на белодробниот систем, астматичарите било на која возраст треба да се и се под опсервација за зачестените астматични напади во овие услови. И секако избегнување на масовни собири, каде што во услови на аерозагадување концентрациите се високи во надворешен и внатрешен простор – исто така е една од препораките во овој период“, истакна Ѓорѓев.

 

На денешната прес-конференција беа истакнати и дел од препораките на министерството за животна средина и просторно планирање, односно почесто да се користи јавниот превоз, во едно возило да се превезуваат повеќе лица, за затоплување на домовите да не се користи прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од мебел, гума или каков било синтетички материјал.

 

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари