Демонстрантите пред Судот: Иванов да го сопре прогонот врз Груевски

Пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои Трајко Вељаноски, Зоран Илиовски, Крсто Јовановски, Јохан Тарчуловски и Невенка Стаменковска, заедно со ексфункционерот Оливер Андонов заедно со насобраните граѓани пред кривичниот суд побараа од претседателот Ѓорге Иванов да го прекине, како што велат, прогонот врз експремиерот Никола Груевски.

Александар Трајковски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека самоиницијативно како членови на партијата и почитувачи на ликот на Никола Груевски дошле пред зградата на Судот за да упатат неколку пораки.

„Ова е политички прогон. Смешно е што главниот доказ е сè уште во Владата и секојдневно се користи. СЈО има една цел, а тоа е уништување на политичката елита на ВМРО-ДПМНЕ. СЈО е неуставно, а сите докази се прибавени на незаконски начин и не можат да служат во судска постапка. Ги охрабруваме судиите да работат согласно законите“, рече Трајковски.

Тој рече дека Иванов е единствен политичар кој има кредибилитет да донесе одлука да го прекине, како што рече, прогонот кон Груевски.

„Го повикуваме претседателот Иванов, единствениот политичар кој има кредибилитет, да донесе одлука да се прекине овој прогон. Упатуваме јасна и недвосмислена поддршка за Иванов. Упатувам и поддршка за Никола Груевски, бидејќи сме благодарни за неговите залагања. Тој се бореше за правда, ние ја поддржуваме борбата“, рече Трајковски.

Демонстрантите велат дека покрај сите криминали во државата, на Груевски му се судело за набавка на „мерцедес“ кој сè уште се возел.

„Ако ‘мерцедесот’ е купен од Владата и тој е продаден од Груевски, а парите си ги ставил во џеб да разбереме дека треба да го судат“, велат тие.

Груевски е осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ на СЈО за незаконска набавка на „мерцедес“ од 600 000 евра.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари