Делегација на ПССЕ на средба со Дескоска за реформите во судството

Министерката за правда Рената Дескоска оствари средба со делегацијата на Парламентарното Собрание на Советот на Европа за постмониторинг дијалогот со земјава, предводена од ко-известувачите Лиза Кристоферсен и Валериу Гилечи. На средбата се дискутираше за реформските приоритети на Владата и Министерството за правда – реформите во судството, како и за унапредувањето на човековите права, демократијата и владеење на правото.

„Реформите што ги спроведуваме во Министерството за правда, се реформи за бенефитот на граѓаните. Добрата законска основа е гаранција за независноста и непристрастноста на судството“, рече Дескоска. Таа порача дека сите решенија и реформи ќе бидат предмет на широка јавна дебата, која ќе биде спроведена во консултација со компетентни лица од областа на судството и обвинителството, експертската јавност, Венецијанската комисија, граѓанскиот сектор и политичките партии, додавајќи дека таа посакува долгорочни решенија за доброто на граѓаните и државата за што очекува консензус и политичка волја во Собранието.

Дескоска истакна дека очекува поддршка во спроведувањето на реформите, а претставниците на Парламентарното собрание на Советот на Европа ја изразија својата поддршка за евро-интеграциските процеси на Република Македонија и спроведувањето на реформите во делот на правосудството. Дескоска и ко-известувачите Кристоферсен и Гилечи од ПССЕ дискутираа околу измените во Законот за судови, Кривичниот законик, како и за измените во Изборниот законик.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари