Богат ноќен лов на полицијата – фатени еден куп „расположени“ возачи

9.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Богат ноќен лов на полицијата – фатени еден куп „расположени“ возачи

Во сообраќајните контроли синоќа и ноќеска, полицијата фатила еден куп возачи што биле под дејство на алкохол. Уапсени поради безобзирно управување со возило биле возачи од Тетовско, Велес, Кавадарци Свети Николе, Прилеп, Куманово и Крива Паланка.

Во 2 часот ноќеска на регионалниот пат Тетово – Јажинце во селото Лешок бил уапсен Д.Т.(54) од блиското село Ратае. „Дрегерот“ покажал дека возел со 1,96 промили алкохол во крвта.

На регионалниот пат Тетово – село Волковија, во селото Брвеница во 2.40 часот ноќеска сообраќајната контрола сопрела автомобил „мерцедес“. Мерењето за алкохолизираност покажало дека возачот Н.С.(40) од Брвеница е под дејство на алкохол – 1,63 промили. Добил лисици на рацете.

Во 4.35 часот, на улицата „Коле Неделковски“ во Велес, уапсен бил Г.С.(40) од Велес.

Ситуацијата што довела до неговото апсење почнала кога на знак од сообраќајната полиција за застанување, автомобил „сеат“ со велешки таблички, со кој управувал Г.С., не застанал, туку продолжил. Кога конечно го сопреле и му дале да дува во „дрегерот“, мерачот застанал на 2,00 промили алкохол во крвта.

Во Кавадарци во 3:25 часот, на улицата „7 Септември“ бил уапсен Л.М.(26) од Кавадарци. Кога го сопреле фургон возилото „ситроен берлинго“, сообраќајните полицајци направиле проверка за алкохолизираност на возачот, при што е утврдено дека тој имал 2,18 промили алкохол во крвта.

Во 1:40 часот во Свети Николе бил уапсен А.Ј.(28) од Свети Николе, кој управувал „сеат леон“ со светиниколски регистерски ознаки под дејство на 1,57 промили алкохол во крвта.

Вчера, пак, на ул. „Кеј 19 Септември” во Прилеп, уапсен е прилепчанецот Г.В.(52), кој возел „ленд ровер“ со прилепски таблички. Дрегерот покажал дека тој има 1,59 промили алкохол во крвта.

Во Куманово, пак, биле уапсени и пијан возач и агресивен сопатник. Во 3 часот ноќеска на булевар „Октомвриска револуција“ бил сопрен „мерцедес“ со кумановски таблички, кој бил управуван од Н.С.(43) од Куманово. Проверката покажала дека има 1,74 промили алкохол во крвта, па добил лисици на рацете. Истото веднаш потоа се случило и со неговиот сопатник Г.М.(44), затоа што агресивно се однесувал кон полицајците.

Во третиот случај на апсење во Куманово ноќеска, фатена е прилично пијана жена. Имено, во 2:12 часот, на булевар „Трета македонска ударна бригада“ во Куманово бил сопрен автомобил „опел“ со кумановски таблички што го управувала И.Ј. (29) од Куманово. Мерењето покажало дека таа возела под дејство на 1,64 промили алкохол во крвта, што за жена е прилично големо количество.

Во 2:40 часот, на улицата „Св. Јоаким Осоговски” во Крива Паланка, уапсен бил Д.А.(24) од Крива Паланка, кај кого биле измерени 2,06 промили алкохол во крвта.

По целосно документирање на настаните, против уапсените ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“, соопшти МВР.

The post Богат ноќен лов на полицијата – фатени еден куп „расположени“ возачи appeared first on NetPress.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата