Беса на Гаши, ДПА и Сојузот на Ромите влегуваат во Владата - еве кој ќе седне во министерска фотеља, а кој ќе ја напушти

Нови коалициски партнери во Владата ќе бидат БЕСА на Африм Гаши, ДПА и Сојузот на Ромите на Амди Бајрам.

„Имаме постигнато договор со БЕСА на пратеникот Африм Гаши, со ДПА и со Сојузот на Ромите на Амди Бајрам, кој делуваше независно во изминативе месеци", изјави премиерот Зоран Заев по денешното судење за „Поткуп".

Според Заев, партијата на Бајрам нема да добие министерски места, туку други позиции.

Тој порача дека продолжуваат разговорите и со други субјекти. Заев истакна и дека за имињата одлучуваат партиите, а до крајот на неделата ќе ги формализира и ќе ги достави предлозите до Собранието. При крајот на мај, како што наведе, со новиот владин состав ќе разговараат за подолните ешалони.

Неофицијално понудата на Заев до Гаши е за министерството за култура, но извори во партијата велат дека наместо култура можеби во игра е министерството за образование.

Поранешниот пратеник и професор по економија на Тетовскиот универзитет Бардуљ Даути од ДПА ќе биде новиот министер за странски инвестиции, а професорот по казнено право на ФОН, Митасим Беќири исто така од партијата на Тачи заменик министер за транспорт и врски.

Според Мендух Тачи понудата на Заев е коректна.  За влезот на ДПА во Владата денеска расправаше и одлучуваше Централното собрание на партијата.

„Добивме конкретна и коректна понуда ДПА да биде дел од владата на Р. Македонија. Ова се темели на конструктивниот однос на ДПА за време на политичката криза, конструктивниот пристап кон новата Влада за сите реформски прашања посебно за интеграциските процеси за кои имам точни информации дека ќе имаме позитивен напредок" изјави лидерот на ДПА Мендух Тачи.

Централното собрание на ДПА ја прифатило понудата на премиерот Зоран Заев да стане дел од владејачката коалиција.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари