Адеми на средби со дијаспората во Романија

Министерот задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, во придружба на директорот на Агенцијата за иселеништво, Никола Шалваринов, од 7 до 10 декември 2018 година ќе реализираат официјална посета на Романија.

За време на посетата, делегацијата предводена од министерот Адеми ќе има средби со претставници на македонската дијаспора во Романија, при што ќе учествува во настанот Ден на македонскиот јазик во Романија, настан што ќе се одржи на 8.12.2018 година, и средби со Заедницата на Албанците во Романија, по потекло од Република Македонија.

Денот на македонскиот јазик во Романија е определен по декретот на претседателот на Романија, Клаус Вернер Иоханис, од 26 јули 2018 година за прогласување на Законот за основање на Денот на македонскиот јазик.

Покрај учеството на настани и средби со дијаспората, министерот Адеми ќе оствари билатерални средби и со министерката за Романците во странство, Наталија Елена Интотеро, и министерот за култура и национален идентитет, Валер Даниел Бреаз.

Во рамките на официјалната посета на Романија, за македонската делегација ќе се организира прием во парламентот на Романија и во тие рамки министерот Адеми ќе има средба и со пратеничката на македонската заедница во парламентот, Маријана Венера Попеску.
Министерот Адеми со соговорниците, меѓу другото, ќе разговараат и за други прашања од областа на културата во интерес на унапредувањето на положбата  на  нашите претставници на дијаспората и нивна инклузивност во економскиот, политичкиот, социјалниот и културниот живот во овие две пријателски земји.

Меѓу другото, ќе се разменат мислења и искуства на Македонија и Романија кон членството на НАТО и ЕУ и регионалната соработка и други прашања од поширок интерес, за време на шестмесечното претседавање на Романија со ЕУ од почетокот на јануари 2019 година.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари