(Видео) Во Кина се воведуваат виртуелни водители на вести

Кинеската државна новинска агенција „Ксинхуа“ воведе виртуелен спикер дизајниран за презентација на вести 24 часа дневно, пренесоа светските медиуми.

„Добар ден, ја следите програмата на англиски јазик. Јас сум АИ (вештачка интелигенција), водител на вестите во Пекинг“, најави спикерот со роботски глас во текот на своето деби на информатичка конференција во Кина.

Виртуелниот водител е развиен во соработка со „Согoу“, познат по кинескиот интернет пребарувач. Како предности на неговото користење се потенцираат ефикасноста и намалените трошоци за продукција на вести, бидејќи спикерите обично се и најплатените во синџирот на производство на вести.

Покрај користењето за читање вести на телевизија, виртуелниот спикер исто така може да се користи и за потребите на интернет-страницата на агенцијата, но и на социјалните мрежи.

Тој е дизајниран да го имитира човечкиот глас, изразите на лицето и движењата.

Неговиот лик е креиран врз основа на вистински спикер на агенцијата „Ксинхуа“, кој се вика Жанг Жао.

„Ќе работам континуирано со цел да ве информирам за најновите случувања, а текст постојано ќе се впишува во мојот систем“, рече виртуелниот водител во видео-презентацијата.

Покрај виртуелен спикер за вести на англиски, направен е и еден за читање на вести на кинески јазик.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари