(Видео) Чувар загинал бранејќи новогодишна оргија во Лондон од упад на насилни разбојници

Припадник на обезбедување кој чувал луксузна вила во Лондон во текот на новогодишната ноќ бил избоден до смрт во обид да спречи група од десетина луѓе насилно да влезат на ексклузивната забава.

Тудор Симионов (33), кој во Велика Британија се доселил од Романија, снимен е какo со неговите колеги со голи раце се борби против деветтемина напаѓачи, само неколку моменти пред да биде избоден со нож од еден од членовите на насилната група. Сè се случило околу 5.30 часот на новогодишното утро, пред луксузната вила „Фоунтејн хаус“ во Парк Лејн.

Еден човек бил уапсен денеска под сомнение дека го убил Симионов, пренесе Би-би-си. Лондонскиот полициски инспектор Енди Партриџ го опиша инцидентот како шокантен напад и ги повика сведоците да се охрабрат и да помогнат во истрагата.

Британски „Дејли мејл“ јавува дека осомничениот кој е уапсен поради убиството на чуварот во Лондон е Имран Мустафа Камел – син на озлогласениот исламски проповедник од Египет – Мустафа Камел Мустафа, познат и како Абу Хамза или како Кука, бидејќи при детонација на бомба останал без раце и око. Абу Хамза во 2012 беше екстрадиран од Велика Британија во САД под обвинение за тероризам, по судска битка која траеше осум години. Во Њујорк во 2015 година беше осуден на доживотен затвор.

Британските медиуми исто така пренесуваат дека резервацијата на маса на луксузната приватна забава чинела две илјади фунти. Интересно е и дека забавата ја организирал самопрогласениот аристократ Лорд „Фаст“ Еди Девенпорт (53), познат по организирање на раскошни секс забави кои ги посетуваат арапски принцови, тајкуни и други членови на лондонската елита.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари