Познавањето на материјалот од кој се изработени вашите обувки може да го продолжи нивниот век на траење.
Гребаниците на обувките се речиси неизбежни ако секојдневно ги носите. Се појавуваат при удар, при триење со тврда површина или неправилно чување. Нивната видливост зависи од материјалот. Кожата и лакот се осетливи, па дури и мал допир може да остави трага, додека антилопот ја менува текстурата, а синтетичките материјали се поотпорни.
Површинските оштетувања полесно се отстрануваат, додека подлабоките бараат помош од чевлар.
Како материјалот влијае на гребаницата?
Кожа: Лесно покажува траги дека е носена. Ситните гребнатинки може да се отстранат со креми и восоци.
Лакирана кожа: Сјајната површина е исклучително осетлива и најмала трага е видлива. Поправката бара специјални производи.
Антилоп и превртена кожа: Гребнатините ја менуваат структурата на влакната, не бојата. Потребна е специјална четка или спреј за враќање на изгледот.
Синтетика: Површинските оштетувања се помалку видливи, но длабоките гребаници тешко се прикриваат зашто материјалот не може природно да се обнови.
Како да ги отстраните гребаниците
Кај кожата помагаат креми и восоци за пополнување на нерамнините кои го враќаат сјајот, полирањето дополнително помага.
Лак: Специјални препарати или мала количина вазелин може да ги ублажи ситните гребнатинки. Подлабоките оштетувања бараат чевлар.
Антилоп: Четки и гумички за подигнување на влакната и спрејови за враќање на бојата. Мастите и маслата го оштетуваат материјалот.
Синтетика: Маркер или боја во нијанса на чевлите може да го ублажи оштетувањето. Поголемите оштетувања честопати не може да се покријат.
Маслиново масло – да или не?
Маслиновото масло може привремено да ја замагли гребнатинката на кожа, но долгорочно може да го оштети материјалот и да се создаде дамка. Стручните лица препорачуваат креми и восоци наменети за обувки – тие истовремено ја хранат кожата, ја заштитуваат и ѝ го продолжуваат траењето.

