Американка тргнала во училиште за кловнови во Австралија со позлатен пиштол- не помина добро

13.12.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Американка тргнала во училиште за кловнови во Австралија со позлатен пиштол- не помина добро

Американката сега е осудена на една година затвор и покрај тврдењата на судот дека пиштолот го земала за лична заштита. Лилијана Гудсон се изјаснила за виновна за нелегално внесување на неовластено огнено оружје и муниција, објави Гардијан.

Во понеделникот, таа била осудена на 12 месеци затвор во локалниот суд во Даунинг центар во Сиднеј, од кои четири месеци ќе помине во притвор. Лилијана Гудсон веднаш по сослушувањето била приведена, морала да го извади накитот и потоа била изведена од судницата со лисици.

Таа првично била уапсена на аеродромот во Сиднеј во април 2023 година, откако царинските службеници во нејзиниот багаж откриле 24-каратно позлатен пиштол вреден околу 3.000 долари.

На судот претходно му било кажано дека дошла во Австралија за да посетува училиште за кловнови и тврдела дека го донела пиштолот за лична заштита. Лилијана Гудсон претходно пребарувала на интернет за да види дали ѝ е дозволено да го внесе пиштолот во Австралија, иако на цариниците им кажала дека заборавила дека го има со себе.

На аеродромот, кога ја прашале дали носи некои забранети предмети, Гудсон тврдела дека не носи.

„Што е со пиштолот во вашата торба?“ ја прашал цариникот.

Гудсон одговорила:

„О, да, заборавив на тоа“.

Пребарувањето на нејзиниот телефон открило дека на интернет ја барала фразата „може ли да носам пиштол во мојот куфер?“ и поставила потсетник во календарот со белешка во која ја потсетува „да го стави пиштолот во куферот“.

Судијката Сузан Хоран рече дека постои силна потреба да се одвратат другите од извршување слични прекршоци во иднина, што може да се постигне само со изрекување строга казна.

„Австралија има силен став против огненото оружје“, рече таа.

Лилијана Гудсон изјавила на полицијата дека всушност се „исплашила“ од пукањето со пиштол и се надева дека со едноставно вперување ќе успее да ги одврати потенцијалните закани.

На прашањето каде планирала да го чува пиштолот додека е во Австралија, таа посочи под совозачкото седиште на возилото. На суд било утврдено дека осудената последните години користела психоделични дроги, синтетички канабис и метамфетамин.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата