Весник анализа

Што не чека ако НБРМ остане без гувернер - банкрот на банкарскиот сектор, инфлација?

Што ќе се случи доколку НБРМ остане без кормилар?Дали денарот ќе почне да ја губи сопствената вредност, а народот ќе осиромаши?

Работата на Гувернерот на НБРМ е регулирана во три закони, тоа се Законот за Народната банка на Република Македонија, Законот за банките и Законот за платен промет. Другите работни задачи на Гувернерот се регулираат со подзаконски акти.

Главната функција на НБРМ е независно да ја спроведува монетарната политика на Македонија, да ја одржува ценовната стабилност и стабилноста и сигурноста на банкарскиот и воопшто финансискиот сектор во Македонија. Од тука произлегува и големата важност која НБРМ и Гувернерот како лице кое раководи со НБРМ ја имаат.

При креирање на Законот за НБРМ, кој е напишан со помош на експертите од ММФ и се земени в предвид најдобрите пракси од регионот и светот и во моментот на негово гласање во Собранието на РМ во 2010/11 е подржан од сите поголеми и релевантни политички партии во Македонија, со особена внимателност е пристапено кон разграничување на влијанието на извршната власт (Владата на РМ како носител на фискалните политики и извршител на Буџетот на РМ) кон Народната банка на РМ како носител и извршител на монетарните политики. Затоа во Законот за НБРМ запишано е дека Претседателот ќе предложи до Собранието кандидат за Гувернер на НБРМ и Собранието ќе треба со гласање да изјасни за овој предлог. Пратениците со мнозинство гласови го бираат предлог кандидатот за Гувернер на НБРМ. Иаку Законот за НБРМ е создаден со надеж да постигне консензус за кандидат за Гувернер на НБРМ, што ќе се случи доколку не се постигне ваков консензус и Народната банка остане без Гувернер.

Прво и основно, не постои функција Заменик Гувернер на кој/а директно се префрлуваат сите надлежности од Гувернерот доколку неговата позиција е испразнета. Само Гувернерот може да ги извршува задачите кои законски му се зададени и никој друг освен Гувернерот. Доколку сакаме некој друг да ги извршува задачите кои законски му се доделени на Гувернерот потребно е да се направат измени во неколку закони, но ваквата постапка ќе биде преседан со можност да постане опасна пракса во иднина и често да ја гледаме НБРМ без Гувернер на кормилото. Воедно, вакви законски измени ќе претставуваат и директно порекнување на веќе успешно завршената работа и соработка со меѓународните финансиски институции во времето кога се носеле споменатите закони. Ваква постапка пак ќе биде толкувана и како директно мешање на Владата во работата на НБРМ ,односно во монетарната политика.

Согласно Законот за банките, доколку НБРМ остане без Гувернер нема да може да се отвораат нови банки во Македонија се додека не се избере нов Гувернер бидејќи истиот дава согласност за отворање на банки и врши оценка за нивната способност да работат како банки.

Домашниот банкарски сектор ќе остане незаштитен од филијалите на странските банки, бидејќи Гувернерот е тој кој ја врши контролата врз овие филијали, а воедно и ги одобрува управителите на тие филијали. Гувернерот издава и согласност за членови на управни и надзорни одбори на банките во Македонија во согласност со законските прописи. Досега овие одредби на законите никогаш не биле предмет на полемики бидејќи истите се во согласнот со меѓународните стандарди, но имајќи го в предвид искуството во Македонија каде одредени кадри биле промовирани само поради нивната партиска и етничка припадност без притоа да ја докажат сопствената професионалност и експертиза, се поставува прашањето дали банкарскиот сектор ќе остане имун на идни можни притисоци за пропорцинално именување на членови на управни и надзорни одбори во приватни банки врз основа на нивната етничка припадност како единствен услов?

Доколку настане незаконско работење во некоја од банките и се исполнат условите за таа банка да биде затворена или да и се укине дозволата за работа, нема да има кој тоа да го направи бидејќи Гувернерот е тој којшто носи одлука за укинување на дозволата. Веројатноста е голема при немање на Гувернер во НБРМ, некоја банка да започне со незаконско работење и да си продолжи со таква пракса.

Ако НБРМ нема Гувернер ќе нема кој да врши контрола во процесот за стекнување акции во банките во РМ и доколку постои основано сомнение за перење пари или вмешаност на лица со висок ризик ќе нема кој истото да го пријави до Агенцијата за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам. Гувернерот е тој којшто ја има задачата согласно законите да внимава на овие работи и истите да ги пријавува до надлежните служби.

Една од најважните задачи на НБРМ е одржување на ликвидноста и солвентноста на банките во РМ, тоа значи дека секоја банка има доволно капитал и финансии да може да си ги сервисира сопствените обврски. Доколку овие принципи на работа бидат прекршени веројатно ќе следи банкрот на банкарскиот сектор во Македонија. Поради сето ова, Гувернерот на НБРМ во согласност со законите врши контрола на ликвидноста и солвентноста на банките и тоа го прави преку пропишување на минимална стапка на адекватност на капиталот, односно колку резерви е потребно банките да држат во сооднос со кредитите, депозитите и обврзниците кои ги поседуваат. Оваа надлежност на Гувернерот е системска важна одговорност. Да се потсетиме на моментите кога пред неколку години поради намерни шпекулации одредени групации се обидоа да го урнат банкарскиот систем и да направат девалвација на македонскиот денар. Благодарејќи на навремената реакција на НБРМ, брзо се поврати довербата кај банките, граѓаните започнаа да ги враќаат депозитите назад во банките и успешно се спаси ливидноста на банките и стабилноста на банкарскиот сектор воопшто. Последиците беа значајни, околу 20 милиони евра беа изгубени во нереализирани камати на депозити, но доколку не постоеше здрава и брза реакција со зголемување на каматната стапка на депозитите од страна на НБРМ, последиците ќе беа многу поголеми и веројатно ќе имавме заробени депозити и пропаднати банки.

Логично е да се претпостави дека државата ќе требаше да ги спасува банките со директни интервенции и да ги откупува. Да претпоставиме дека таква криза повторно не чека на следниот агол, а сега НБРМ нема Гувернер кој ќе треба да ги донесе најважните одлуки, дали македонските граѓани треба да чувствуваат страв и да си ги подигнат парите од банките? Дали треба сите да се плашиме од можна инфлација и да знаеме дека нема да има Гувернер кој ќе може да реагира? Дали може да дојде крајот на фиксниот курс меѓу денарот и еврото? Дали денарот ќе почне да ја губи сопствената вредност, а народот ќе осиромаши?

Македонскиот банкарски сектор низ изминатите години се покажа како многу стабилен, а тоа е особено забележливо во моментите на минатата финансиска криза која го зафати целиот свет. Стабилноста на банкарскиот сектор се должи на фактот дека истиот е поставен на добри фундаменти, добро е регулиран и досега е воден од професионални кадри.

Седумгодишниот мандат на Гувернерот на НБРМ истекува на 20ти Мај. Според Законот за Народната банка на Република Македонија, Гувернерот го именува Собранието на предлог на претседателот на Република Македонија.

Иако од Кабинетот на Претседателот Ѓорге Иванов на 27 април Иванов го достави предлогот за реизбор на Богов во Собранието, а пред тоа за таа намера ги информирал и премиерот Заев и лидерот на опозицијата Мицкоски. Согласност кај Претседателот Иванов за негов реизбор дал и Гувернерот Димитар Богов.

Според законот, Собранието гласа за избор на Гувернер на НБРМ по предлог на Претседателот на државата.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ во Собранието на РМ, Томислав Тунтев, порача дека Богов нема да ја добие поддршката за реизбор, а ДУИ пренесе дека се разгледува можноста за законска измена за да може и други институции да предлагаат гувернер.

Минатата недела се сретнаа претседателот Иванов и премиерот Заев. На сребата било заклучено дека Народната банка на Република Македонија не смее да се остави без гувернер, бидејќи тоа би имало негативни импликации врз економијата на државата.

Банкарскиот сектор во секоја држава е од особена важност за економскиот развој на државата и во овие моменти останува да чекаме на евентуален договор меѓу Претседателот Иванов и парламентарното мнозинство за тоа дали ќе имаме старо-нов или нов Гувернер на НБРМ.

Поврзани

Најнови вести

Коментари