Весник тема

Како влегоа муџахедините на Балканот, внесоа нови правила и односи

Во 1993 година воените единици на босанските Срби и Хрвати повеќе месеци, во соработка, се бореа против муслиманите и, особено, муџахедините во Босна. Милошевиќ и Туѓман, во ноемви таа година, со одделни наредби по системот секој на своите, ја запреа таа соработка, и војната се врати по старо - секој против секого.

Загреб имал особена причина да не дозволи конечна елиминиција на муџахедините од Босна. Прво, дел од хрватското раководство учествувал во илегалниот увоз на оружје и влез на муџахедините во Босна, за да се предизвика војна од најшироки размери, а исто така и за да се даде карактер на војната што се одликува со суровост и омраза која не може понатаму да се контролира. Начинот на дејствување на муџахедините, особено оние од Авганистан и Пакистан, бил најдобар генератор за тоа.

Освен ова, во тие трансфери имало и лични профити.

Влезот на муџахедините одел преку Загреб но, и преку Скопје, преку организацијата Муслимански браќа. Врските за контакти со исламските верски радикали се преку каналите на поранешните припадници на КОС и УДБА од Југославија кои, со децении, ги помагале тие движења.

И атентатот врз израелските спортисти, извршен на Олимпијадата во 1972 во Минхен, е врзан со југословенската УДБА и КОС.

Имено, организаторот на тој напад Абу Дауб од организацијата Црниот септември, кон Минхен се упатил од Југославија. Имал лажен сириски пасош со име Фарук Заинтц. Слетал од Либан во Загреб, минал една ноќ во Љубљана, во соба 117 во љубљанскиот хотел "Турист“ што ја платила словенчката УДБА. Кога атентаторите од Минхен се уапсени, за да ги извадат од затвор приведените Фади Ел Катар и Омар Барки, членовите на Црниот септември киднапираат патнички авион на линијата Бејрут -Франкфурт и бараат размена на патниците за нивните уапсени припадници да се изврши токму на аеродромот Плесо во Загреб!

Со нив, во овој план, соработувал министерот на хрватската полиција Златко Узелац и генералот Ѓоко Јованиќ од ЈНА.

Во 1982, по атентатот врз Израелци во Каиро, лидерот на египедската фракција на Муслиманските браќа, Хасан Насер, син на египедскиот претседател Гамал Абдел Насер, пребегал во Југославија и добил пасош од загрепската полиција. По прикривањето во Истра, Хасан Насер преку Дубровник ќе се врати назад во Дамаск, Сирија.

По распадот на СФРЈ, офицерите на КОС и УДБА од Хрватска и Босна контактите ги искористиле за нивни ангажман во војната во Босна.

Припадниците на организацијата Муслимански браќа, кои претежно влегувале и оделе кон Босна преку Скопје, во 1990/91 ги имало околу 350. Најчесто влегувале како студенти, и членови на хуманитарни организации. Оваа организација потоа одела за Босна. Таму се водени како членови на босанската Војска.

Организацијата имала обиди за дејствување во Босна и претходно, кога околу стотина терористи од Муслиманските браќа влегле во Босна уште во 1983 година. Со нив командувале двајца Сиријци: Васин Бен Асам и Мухамед Бандаки. Во акцијата на сојузната УДБА, наречена Требевич, групата е разбиена, а лидерите уапсени. Дваесетина локални, босански соработници на таа организација тогаш пребегале во Јордан и Сирија, каде потоа се обучувани и во 1991 се враќаат назад. Некои, каков што е случајот со Мухамед Хатуниќ, Халид Тулиќ и Малил Мехтиќ се враќаат како локални лидери на организацијата и водачи на дел од Муслиманските браќа во Босна за време на војната.

Во Скопје, како еден од двата транзитни центри, со организацијата локално раководел Абу Енес, официјално, во почетокот на деведесттите, студент на петта година на скопскиот Медицински факултет, заедно со Јасин Муса, студент на Градежен факултет во Скопје и Менсур Магдад, студент на Технолошкиот факултет во Скопје кој, патем, бил и офицер на јорданската разузнавачка служба.

Преку Загреб влегувале претежно Јорданци. Лидерите на тие муџахедински групи биле: Мухамед Ферхат, Мухамед Менла, Хасан Осман Билал Ал Касби, Мунир Гаобан, Абдул Азет... само од Јордан, преку Загреб уште во 1991 година влегле над 120 муџахедини.

Пред доаѓањето во Босна, тие биле обучувани начесто во Иран, под непосредна контрола на иранската воена служба ВЕБАК, и надзор од Али Реза Бајат, подоцна началник на МОИС, иранската тајна воена служба.

Во Босна, потоа, околу 3.000 муџахедини колку што ги имало во периодот 1991/95, се распоредувани во рамките на босанската војска, со исклучок на една самостојна бригада позната под името Ал Муџахид.

ШТО СО МУЏАХЕДИНИТЕ ПО БОСАНСКАТА ВОЈНА?

Војната во Босна трае до крајот на 1995 и потпишувањето на спогодбата за мир во Дејтон (САД). Со тоа, државата се дели на федерација: хрватскиот и мулиманскиот етнитет од една и Република Српска, на другата половина од територијата и државата.

Муџахедините, кои се бореа на страната на Алија Изетгеговиќ, добија понуда со две опции: едната, е да останат и да добијат босанско државјанство и подарок, имот за живеење. Оваа можност ја искористија над 500-тини муџахедини кои останаа во Босна.

Втората опција - да се преселат во Косово, каде би продолжиле да се борат, ја користат околу 800 муџахедини. Преостанатиот преживен дел, околу 600-тини, се враќаат во Авганистан, Пакистан, Јордан... и продолжуваат да дејствуваат на тие подрачја.

Уште од декември 1995 година, веднаш по Дејтон, Бил Клинтон бара протерување на муџахедините од Босна. Но, без поголем успех.

По настаните врзани со низата атентати во Њујорк на 11 септември 2001 година, односот на САД кон муџахедините радикално се менува. Тие вршат притисок врз нив секаде каде што ги има во близина на воените, или дипломатските структури на САД. Во 2002, САД бараат од привремените власти на Косово и од Владата на Босна протерување на муџахедините. По четири години отпор, во 2006 босанската Влада на дневен ред ја става одлуката за можно одземање на државјанството и пасошите на над 500 муџахедини кои останале во Босна како ветерани.

Но, според Вечерњи лист од 6 јули 2006, босанските муџахедини се противат на оваа намера. Тие осниваат здружение Енсарија и најавуваат, како што велат тие, тешка битка за заштита на своите права бидејќи дале голем придонес во одбрана на државата во војната.

Во комисијата за ревизија на државјанствата дадени на муџахедините, се и тројца претставници на меѓународната заедница. На страна на муџахедините е одлуката на Уставниот суд од Сараево, според која одземањето на нивните државјанства правно не е можно.

Абу Хамза, во име на босанските муџахедини, за весникот изјавува дека над 500 муџахедини со босански државјанства се женети, претежно за жени родени во Босна и имаат деца со нив. Одлуката за нивно евентуално протерување би значела и закана за иднината на над 1.000 нивни деца што, вели тој, може да биде провокација за муџахедините.

"Ние сме во Босна 15 години, и тука имаме имот и семјства, вели Абу Хамза, а ако се вратиме назад, во поранешните држави за нашето дејствување не чекаат затворски казни. Еден од нас се врати во Пакистан, и беше осуден на 68 години робија. Истото се случило со друг, кој се вратил во родното Каиро. Тие живеат во организирана заедница во Босна, а дел од нив го водат трговскиот центар Хамзибег.

Хрватските власти и медиуми со години имаа широки кампањи за пронаоѓање на муџахедините низ Босна, и барање судски процеси против нив поради злосторства извршени врз хрватските војници и граѓани во босанската војна.

Според "Вечерњи лист“ од 18 јули 2006, имало и акции со верски карактер, според џихад. Имало понуда, за пари, да се кршат крстови од христијански цркви во Мостар, се наведува понуда за минирање на американскиот конзулат. Некои од понудите доаѓале и по војната, од муџахедин наречен Шаик Хусеин. Мотивот бил апсењето на муџахединот Шаих Имад кој, потоа, бил екстрадиран во Египед.

Според Абу Хамза, на средба во Зеница со дипломат Турција, им било предложено од Босна да се преселат на Косово. Загрепскиот весник ја пренесува неговата изјава, дека од турскиот дипломат им била ветена поддршка за трансферот на Косово, бидејќи таму имало потреба од нив. Ни рече, изјавува Абу Хамза, дека на Косово ќе има војна со Србите, и дека сме таму неопходни.

Поголемоот дел од припаданиците на Ал Муџахедин понудата ја отфрлиле, сметајќи дека е тоа турска услуга по налог на САД. Бевме лути на САД, вели Абу Хамза, бидејќи тие мислеа дека можат да управуваат со нас каако што сакаат. Кога им беше потребно, дозволија да дојдеме во Босна и да војуваме, кога веќе не им требаме, сакаат да не селат на Косово! Некои од нас отидоа таму. Но, и на Косово имаа проблеми. ОВК ги употреби, а потоа ги остави сами на себе. Им пречевме. ОВК им велеа на Американците: или дејствуваме ние, или тие! Некои беа оставени да бидат заробени од Србите. 

Две децении откако влегоа во Босна, вклучувајќи се во воените судири во поранешна Југославија, муџахедините се уште се тука. Некои беа врска и база за војната во Сирија, други веќе се вклопија во општеставата на Косово и во Босна внесувајќи свои, нови обиачи, култура и правила но, на овој мал простор се уште живеат над 2.000 муџахедини со нивните семејства, некои нови се враќаат од Сирија со сета индоктринација и навики стекнати таму, а ние живееме со нивните разбирања и сфаќања за мир, радикален ислам и соживот. Промените по нивното доаѓање и делување се трајни, исто како и последиците.    (vesnik.com)

Поврзани

Најнови вести

Коментари