ВМРО-ДПМНЕ: Неспособното раководство на ЕЛЕМ ги чини граѓаните милиони

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвинија раководството на АД ЕЛЕМ за неспособност, која, како што велат, ги чини граѓаните милиони. АД ЕЛЕМ, според ВМРО-ДПМНЕ, произведува струја во РЕК Осломеј по цена од 140 евра по мегават час, додека истата ја продава за 40 евра за мегават час.

„РЕК Осломеј произведува околу 2.400 мегават часа на ден, тоа значи дека истата количина на струја ја произведува по цена од приближно 336.000 евра, а ја продава за 96.000 евра. Вкупната загуба на дневно ниво со работата на РЕК Осломеј изнесува околу 240.000 евра.

Според која економска логика може загуба на околу 240.000 евра дневно да биде во полза за државата? Десет дневно работење на РЕК Осломеј ќе ја чини државата приближно 2 милиони и 400 илјади евра .

Во џебовите на кои бизнисмени завршуваат илјадници евра? Дали се работи за фирми блиски до картелот и која е логиката државата да влегува во загуба? Картелот за една година покажа дека не знае да го менаџира енергетскиот сектор во државата. Една година СДСМ за енергетиката е една година загуба и милионски штети“ соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Раководството на АД ЕЛЕМ, како што додаваат од партијата, во период на зима со висок водостој на реките не го искористи хидролошкиот потенцијал на истите, дозволи големо прелевање на хидроакумулациите, без да биде искористен вишокот вода за производство на струја. Милионски се загубите,предупредуваат од ВМРО-ДПМНЕ, кои на овој начин поради ненавремено производство ги претрпе Република Македонија.

„Картелот работи надвор од секоја економската и енергетска логика, наместо да се искористуваат хидроакумулациите се троши јаглен. Наместо продажба на струјата на домашниот пазар се продава струја на странскиот пазар, се полнат џебовите на одредени структури, а во исто време се увезува струја, повторно создавајќи профит за приватни субјекти. Енергетскиот сектор е во огромен минус откако СДСМ е на власт. Енергетиката тоне, а енергетските капацитети се оставаат да се уништуваат и не се одржуваат. Овој криминален однос со енергетиката мора да запре. Република Македонија заслужува подобро. Граѓаните заслужуваат подобро“ се додава во соопштението.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари