(Видео) Арсовски: Покачувањето на даноците би можело да ги пресели бизнисите и сметките во соседството

Владата предводена од Заев со својата безидејна економска политика ја турка државата во дополнителна даночна евазија од која на крајот најголема загуба ќе имаат државата и граѓаните, изјави на прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Тој оцени дека политиката за покачување на даноците е необмислена и нема да даде никакви ефекти, туку напротив постои опасност да предизвика штети кои ќе предизвикаат последици по многу основи.

„Наместо граѓаните, а особено посиромашните, од оваа мерка бенефит може да имаат единствено соседни земји кај кои може да се отворат нерезидентни сметки или да ги селат бизнисите, токму оние кои се најзасегнати од покачувањето на даноците. Да потсетиме дека во оваа група на луѓе спаѓаат само 1 отсто од граѓаните, од кои голем дел се млади и просперитетни луѓе кои заедно со бизнисот може да ја напуштат и самите тие државата“, изјави Арсовски.

Според ВМРО-ДПМНЕ тоа само покажува дека се води макроекономска политика по принципот „купи ден-помини“, која нема да даде ниту краткорочни, а камо ли долгорочни ефекти. Тој износ на дополнителни прибрани средства од покачените даноци, вели Арсовски, може да биде минорен, а патем оваа власт со своето недомаќинско и неодговорно работење најверојатно ќе го потроши на нови партиски вработувања, тендери од 670 илјади евра за цвеќиња, набавка на нови возила или мебел или пак набавка на лубриканти.

„Оваа власт не само што нема слух за експертите и реалното стопанство, нема ниту своја визија и концепт за унапредување на економијата. Наместо да ги засука ракавите и да работи за интересите на граѓаните, стопанството и индустријата, таа прави само популистички чекори кои нема да донесат раст на економијата, нема да донесат нови работни места, и нема да донесат раст на индустриското производство, нови стопански капацитети, а најмалку нема да има подобрување на состојбата на сиромашните граѓани кои на бројка се над 450.000“, рече Арсовски.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари