УЈП ги преплаши пензионерите

Сите пензионери кои примаат пензија ќе мора да седнат пред компјутер и електронски на Управата за јавни приходи (УЈП) да и испратат и-мејл (електронска пошта) и да потврдат колкави годишни приходи имаат.

Освен нив и сите физички лица коишто во текот на годинава оствариле приходи вклучувајќи ги и оние кои што примиле само плата или само пензија ќе треба до крајот на годинава електронски да се регистрираат во УЈП на новиот систем Е-персонален данок.
Сите ќе мора да имаат електронски адреси на кои откако ќе се регистрираат ќе добијат барање кое треба да го достават до шалтерите на Управата, која потоа ќе ги потврдува податоците.

„Граѓаните имаат обврска најдоцна до 31 мај 2019 година да ја потврдат Годишната даночна пријава или да ја корегираат. За да може УЈП изготвената даночна пријава да ја достави до даночните обврзници до 30 април 2019 година за остварените приходи во текот на 2018 година овие даночни обврзници, физички лица имаат обврска да се регистрираат на системот Е-персонален данок на доход", рече Мухедин Авдиќ, УЈП.

Оние граѓани, односно постари лица коишто не се во можност сами електронски да се регистрираат, ќе треба да го сторат следново: Да дадат нотарски заверено полномошно уверение на друго лице. Во спротивно ќе мора лично да одат во УЈП.

„Само да му даде едно полномошно пред нотар и со тоа полномошно може овластеното лице да дојде во УЈП. Или ако не сакаат да дадат полномошно пред нотар треба да дојдат двајцата во УЈП и да се идентификуваат...", додава Авдиќ.

Оние граѓани кои нема електронски да се регистрираат до крајот на годината, УЈП ќе ги повика да се регистрираат на шалтерите или даночната пријава ќе им биде доставена по пошта. Граѓаните кои ќе се регистрираат, а нема да ја потврдат или корегираат Годишната даночна пријава до крајот на мај следната година, УЈП истата ќе ја смета за потврдена. Инаку, сето ова е замена за неколкугодишната пракса кога пред шалтерите на УЈП пријава доставуваа само граѓаните кои имале дополнителни приходи.

Поврзани

Најнови вести

Коментари