Државата си должи самата на себе

На најновата листа на должници што ја објави Управата за јавни приходи (УЈП) повторно има и јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост.

Македонија Пат е речиси на врвот на листата, има вкупен долг од 6 милиони и 242 илјади евра, во најголем дел за ДДВ, а во помал за данок на добивка.

Комуналното претпријатие од Гостивар има вкупно за плаќање 2 милиони и 965 илјади евра, комуналното од Тетово нешто над 2 милиона евра, Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти должи 745 илјади евра. На листата се и Чистота и зеленило од Куманово, ЈП МЖ Инфраструктура, Македонска радиодифузија, Македонска радио телевизија...

Со долг од нешто над 2 милиони евра на списокот е и загубарот Еурокомпозит од Прилеп чии работници минатата недела штрајкуваа пред Владата барајќи ги 18-те заостанати плати и придонеси за 4 години.

Прв на листата е Отекс од Охрид со вкупен долг од 13 милиони и 968 илјади евра, во целост за ДДВ. Следи Ел Дон Кастило со 7 милиони и 238 илјади евра, па Индустрија Ел Азтека со 7 милиони и 228 илјади.

На листата на должници има и десетици имиња на познати компании и бизнисмени. Списокот се објавува секој месец и во него ги има сите компании кои должат над 300 илјади денари и физички лица со обврски над 120 илјади денари по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.

Според последните податоци на Народната Банка кои се заклучно со 31 декември 2017-та во Македонија имало 80.462 граѓани со блокирани сметки. Во споредба со 31 декември 2016-та нивниот број е намален за 1.801. Во истиот период имало 30.265 компании со блокирана сметка што е намалување за 5.074.

Но, бидејќи и граѓаните и фирмите најчесто имаат по неколку трансакциски сметки вкупниот број на блокирани сметки е многу поголем и заклучно со крајот на мината година бил 233.931.

Извор: Денар

Поврзани

Најнови вести

Коментари