ПРЕТХОДНИТЕ СЕ ПРАВЕА ПОГРЕШНО

Дојде живот, зошто 36 државни фирми - секоја трета, 2017 година ја завршила со загуба

Анализата на финансиските резултати на компаниите во државна сопственост што ја изработи Центарот за граѓански комуникации според податоците за 2017 година преземени од Централниот регистар покажува дека профит оствариле 86 државни фирми, додека загуба имало кај 36 државни претпријатија. Профитот изнесува 141 милиони евра додека загубите 30 милиони евра. Нето ефектот е позитивен и изнесува 111 милиони евра.

Компаниите во државна сопственост во текот на 2017 година инкасирале вкупно 791,4 милиони евра приходи од работењето, што е за 6,2% повеќе во споредба со годината претходно, покажуваат податоците за вкупно 118 фирми од јавниот сектор анализирани во оваа база на податоци. Од нив, 66 работеле подобро од претходната година, односно ги зголемиле приходите, додека пак, 52 државни фирми ги намалиле приходите.

Во исто време, овие 118 државни фирми направиле расходи во вредност од 686,6 милиони евра што е намалување за 3,8% на годишно ниво.

На врвот на ранг-листата на државни претпријатија според големината на приходите што ги оствариле во 2017 година веќе неколку години по ред е АД ЕЛЕМ со приходи од речиси 219 милиони евра, но во споредба со 2016 година тие се намалени за 3,4%.

Второ според висината на приходите е рангирано ЈП за државни патишта со инкасирани 146,3 милиони евра, што е за 41,6% повеќе отколку во 2016 година.

На трето место е рангирано државното акционерско друштво МЕПСО со приходи од 89,9 милиoни евра, коишто за една година се зголемени за 7,1%.

А на четврто место е Македонски шуми со приходи од 27,9 милиони евра, коишто на годишно ниво бележат пораст од 4,86%, а по него е Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) со приходи од 27,4 милиони евра, коишто на годишно ниво бележат пораст од 9% во споредба со 2016 година.

Најголема добивка пак лани остварило Јавното претпријатие за државни патишта, и тоа од 84,2 милиони евра што е за два и пол пати поголема во споредба со 2016 година. Добивката искажана во билансот на успех на ова претпријатие главно доаѓа од пресметковно прикажување на поголеми финансиски приходи од позитивните курсни разлики во текот на минатата година од земен кредит во долари, што не значи дека претпријатието ги инкасирало тие приходи на сметка ниту пак дека реално располага со парите од искажаната добивка.

Второ на листата е АД Државна лотарија на Македонија со профит од 18,8 милиони евра или 35 пати поголем отколку во 2016 година.

АД МЕПСО ја завршило минатата година со добивка од 11,3 милиони евра што е четири и пол пати повеќе во споредба со годината претходно.

Другата државна компанија од енергетскиот сектор, АД ЕЛЕМ е рангирана на четвртото место на табелата со добивка од 8,6 милиони евра, но е за 37% помала отколку во 2016 година.

Со добивка над 3 милиони евра, следно на ранг листата е јавното претпријатие ХС Злетовица и со тоа ја надмина загубата од претходните две години. Овие пет државни фирми прават дури 90% од целиот профит остварен од компаниите во јавниот сектор.

Двата најголеми загубари пак меѓу државните фирми доаѓаат од железничкиот сектор.

Со загуба од околу 8,2 милиони евра, прво на табелата е акционерското друштво Македонски железници – транспорт кое што и претходните три години исто така прикажуваше негативни финансиски резултати. Во споредба со 2016 година, сепак, загубата е намалена за 27%.

Загубата на ЈП за железничка инфраструктура Македонски железници, пак, за лани изнесува 7,2 милиони евра и е намалена за 10,3% на годишно ниво.

Следно на листата е ЈП Стрежево Битола, кое како и претходните две, повеќе од четири години се во загуби. Лани, ова претпријатие искажа минус од 3,7 милиони евра.

По неколку години скромни добивки, минатата година загуба од 3 милиони евра искажа и АД Македонска пошта, а потоа следува акционерското друштво за аеродромски услуги Аеродроми на Македонија, со минус од 1,9 милиони евра.

Во првите десет најголеми загубари се вбројуваат и меѓуопштинското јавно претпријатие Проаква Струга со минус од околу 950 илјади евра, ЈКП Тетово со загуба од околу 770 илјади евра, ЈП Лисиче Велес со загуба од 600 илјади евра, АД ГТЦ со минус од 550 илјади евра и ЈП Нискоградба Битола со минус од 530 илјади евра.

Поврзани

Најнови вести

Коментари