Лаки Лучиано

Лаки Лучиано – човекот кој го определи крајот на Втората светска војна

На 8 февруари 1962 авионот кој леташе на релација Неапол - Њујорк слета на њујоршкиот аеродром. Истоварен е ковчег, кој потоа ќе биде превезен на гробиштата Свети Јован. Kовчегот е закопан во семејната гробница Луканија, во присуство на федерални агенти, новинари, детективи и полицајци - плус двајца ожалостени.

Починатиот кој беше во ковчегот животот го заврши од срцев удар на неаполскиот аеродром, пред очите на италијанските и на американските агенти. Тој човек се викаше Чарлс Лаки Лучиано, некогашен силеџија, крадец и убиец. Еден од најславните мафијаши.

Во еден дел од животот, и соработник на американската држава и на армијата. Можеби еден од клучните ликови во одлуката каде и кога да се тргне во финална инвазија за ослободување на Европа, и ставање крај на Втората светска војна. За инвазијата на сојузничките сили на Сицилија.

Но, да одиме по ред. До тој историски момент и до улогата на Лучиано има долг пат.

Роден е во 1897 година на Сицилија, а како многумина други оттаму, и од тоа време, поради сиромаштијата на семејството се сели преку Атлантикот. Малиот Салваторе Луканија уште на 14 години го напушта училиштето, и се вработува во фабрика за шапки. Но, не за долго. Скитањето по њујоршките улици и коцкањето се неговиот предизвик. Пред да стане полнолетен уапсен е поради кражба, а почнува да се занимава и со рекетарство.

Низ тие акции Лучиано ќе се спријатели со младиот Мејер Ленски, по што ќе станат блиски пријатели и сојузници до крај, како во бизнисот, така и на приватен план.

На деветнаесет години Луичано застанува на чело на бандата Фајв поинтс, и заедно со Ленски и Багзи Сигел се насочува кон криумчарење. Но, нивниот успех е загуба за некој друг. Првенствено, за тогаш главниот човек на њујоршката мафија Џо Масерија. За да ги заштити своите интереси од новите банди на младите криминалци Масерија нарачува напад врз Лучиано но овој ќе го преживее. Фронтот е отворен, по што еден од нив мора да замине.

Салваторе Маранцано, кој долго бил во лоши односи со Масерија го убедил Лучиано да премине на негова страна. За доказ на лојалност и способност за акција, Лучиано во април 1931, со помош на екипата на Багзи Сигел ќе го ликвидира својот бивш шеф, Масерија. Со тоа, Лучиано ги презема рекетарските ингеренции над Мала Италија.

Но, Лучиано не се задоволил со тоа. На 10 септември 1931 година го организира убиството и на Маранцано во неговите деловни простории. Патот до целосна власт и моќ над њујоршката територија е започнат.

Со ликвидацијата на Маранцано почнува чистка на старите итало-сицилијански мафијашки босови, што го направило уважен и ценет во заедницата. Но, за да изгради систем и мрежа за владеење со Њујорк, и влијание во Америка, му биле потребни пријатели, некој познат и од доверба... како Мејер Ленски.

Во тој период на дваесеттите Лаки Лучиано станува пријател или соработник со другите водечки имиња на њујоршката, и вкупната американската мафија: Вито Џеновезе, Френк Костело... Веќе до 1925 година Лучиано имал годишна заработка од тогашни 12 милиони долари, што по одбивање на трошоците за работа и плаќање рекет на полицијата и на политичарите, му давало чиста годишна добивка од 4 милиони долари. Тоа била една од најголемите лични заработки на кој било шеф во мафијата во тоа време, кога казино или хотел се купувале за помалку од еден милиони долари.

Лучиано станува реформатор на мафијашкото делување во Њујорк. Ги укинува етичките граници на старата генерација, дека мафијата не треба да се занимава со дрога, го дели Њујорк на пет зони на интерес, и прв го оснива Советот на петте фамилии, а тој е шеф на сите нив. Оваа организациска способност, која ја стекнува од Маер Ленски, единствениот бос Евреин меѓу водечките италијански фамилии во Њујорк... според многумина го става Лаки Лучиано на водечко место во историјата на мафијата.

Во 1933 укината е прохибицијата, но тоа не значело и крај на криумчарењето алкохол. Ленски и Лучиано имале потреба да се прошират и на други области, па затоа влегле во зделка со Арнолд Родштајн и инвестирале во неговите казина и "езерски куќи". Лучиано се ориентирал и на обложувалници, проституција и криумчарење наркотици. Заработувал добро, и имал статус на позната личност во јавноста. Инсистирал на својата гламурозност, стил во однесувањето и облекувањето. Се појавувал во друштво на ѕвездите како Џо Димаџио.

Лучиано и Мајер Ленски почитувале организација и систем до апсурд, ја основале компанијата наречена "Убиство" (Murder Inc), која се занимавала со ликвидации. Освен "Убиство" главна преокупација на Лучиано биле проституцијата и подведувањето. Отворил повеќе бордели, сакал да располага со многу жени, во буквална смисла на зборот, бидејќи кон нив се однесувал сопственички и без емиции. Некои биле и жртви на неговиот бес.

Лучиано постојано раснел и се ширел во бизнисот, и за разлика од старата генерација мафијаши живеел луксузен и надмен јавен живот. Тоа, меѓу другото, ќе го наведе њујоршкиот специјален обвинител Томас Дјуи да започне истрага за работењето на Лучиано. Организирал рации во 80 њујоршки бордели. Светот на Лаки Лучиано почнал да се руши. Тие кои паднале во рацете на полицијата веднаш проговориле, откривајќи се што знаеле за многубројните бордели на Лаки. Обвинителот Дјуи за кусо време собрал доволно материјал да издаде налог за апсење. Лучиано е уапсен во бања, во Арканзас, со група пријатели. За чудо, судијата одредува кауција од само 5.000 долари кои Лучиано ги платил на самото место, од џеб. Пуштен е на слобода, но не за долго.

Повторно е уапсен, а овојпат судијата одредува кауција од 200.000 долари. Одеднаш Лучиано се наоѓа во нова ситуација - да се бори за својот живот. Ги ангажира најдобрите адвокати. Иако негира дека имал каква било врска со борделите, вратен е во Њујорк, и одредена му е кауција во износ од 350.000 долари.

Судењето на Чарлс Лаки Лучиано започнува на 11 мај 1936. Главниот сведок на обвинението била проститутка, и повремено мадам, со име Коки Фло Браун. Сведочењето било неубедливо, бидејќи во судот се појавила во периодот кога се лечела од зависност од хероин, што на одбраната и ја пружило можноста да ја собори веродостојноста на нејзините искази. Сепак, обвинителите дошле до сознание дека тој често бил во друштво на проститутки. Повеќе од тие девојки се појавиле пред судот со докази против него.

Но, самиот Лучиано бил најлош сведок во сопствениот процес, кога станал да зборува во своја одбрана. Тој изјавил дека никогаш во животот не видел ниту еден сведок и негирал дека има било каква врска со проституцијата. "Јас секогаш сум бил тој кој дава", нагласил Лаки, "никогаш тој кој зема". Надмен и арогантен, со посилна потреба да остави впечаток отколку да извлече поволна пресуда, Лаки Луичано се подлабоко се вплеткувал во замката на обвинителот Дјуи. Осуден е по 61 точка на обвинението, на казна затвор во траење од 30 до 50 години.

По ова судење Лучиано е префрлен во затворот Данемори, каде што работел во затворската перална за алишта. Тоа бил живот под секое ниво за човек кој уживал во гламур, раскош и беспоговорна послушност и респект од својата околина. Подоцна, адвокатите бараат повторување на процесот, но жалбата им е одбиена.

Во 1942 година, со јапонскиот напад врз американската поморска воена база Перл Харбор, САД влегуваат во Втората светска војна. Војната, на прв поглед, нема многу допирни точки со судбината на Лаки Лучиано кој е во затвор, иако и од таму раководи со мафијашките интереси. Но, така е само на прв поглед, Подлабоко гледано, се е поинаку.

Првата соработка на Лаки Лучиано почнува со проблемите на властите со саботажи кои им се случуваат на воените бродови во Њујорк. По долги неуспешни истраги, тие го прифаќаат советот на Маер Ленски да се даде шанса на мафијата, пред се тој и Лаки Лучиано, преку своите канали да влезат меѓу луѓето на пристаништето, и да ги пронајдат саботерите. Овој сојуз дал резултати, и саботерите се уапсени.

Во 1943 година силите на сојузниците во Втората светска војна, предводени од САД и Британија, планираат голема преселба на трупите од разни делови на светот кон Европа. Се планираат две опции: десант во Далмација, и влез преку Југославија... или инвазија врз Сицилија, и понатамошно напредување преку Италија.

Италија, во пролетта 1943 година, била сеуште под власт на Мусолини, но внатрешно разединета и дезориентирана. Според проценки на сојузничките сили, Сицилија била подобро место за започнување на инвазијата, и подоцнежниот завршен удар врз Хитлер.

Проблем било расположението на Сицилијанците против американските воени сили, што на сојузниците им било дополнителен терет за реализирање на инвазијата.

Повторно, владата бара и добива соработка од Лаки Лучиано. Преку каналите на мафијата, Лучиано успева да го убеди главниот бос на Сицилија, Дон Калоџеро Вичини да соработува со сојузничките сили во истоварувањето и влезот на Сицилија. По ова, на 9 јули 1943 година почнува големата сојузничка инвазија на Сицилија, наречена Хаски, и успешно завршува по шестнеделни борби и со голема поддршка од локалното население. На 25 јули 1943 година италијанскиот крал му го одзема мандатот на Мусолини, по што тој бива уапсен, а сојузничките сили продолжуваат со напредување низ Италија.

Лаки Лучиано е пуштен од затвор, и депортиран во Италија во 1947 година. Иако бил осуден на 30 години затвор, и требало да издржува уште две третини од казната.

Во Италија Лучиано живее претежно во Неапол, но и на Сицилија. Иако бил под засилена контрола на италијанската полиција, се занимава со трговија на хероин, и други активности од делокругот на мафијата. Својот стил на гламур, надменост, луксузен јавен живот... го задржува и таму. Иако не е во Америка, раководи со голем дел на мафијата. Во 1947 година предлага, и добива поддршка, за ликвидација на Багзи Сигел кој проневерил пари на мафијата при изградба на казина и хотели во Лас Вегас.

Во педесеттите патува на Куба и, повторно во соработка со американските разузнавачи, се обидува да навлезе и завладее во бизнисот со казината, и да ги контролира случувањата во подземјето. Активен е. Доаѓа во конфликт со Вито Џеновезе, што завршува со претепување на Џеновезе, и негово потиснување од бизнисот на Куба.

Работел многу, свесно и плански, на изградба на сопствената легенда и мит. Во 1962 година со група продуценти договорил финансиски да поддржи снимање филм за него и неговиот живот. Токму на аеродромот во Неапол, со кој е почната оваа приказна, требало да се сретне со продуцентите, и да почне договарање на деталите. Но, му се случил срцев удар...

(Д.П. Латас)

Најнови вести

Коментари